При секој погреб, музиката одеше напред, по неа децата со бајрачиња, па попот; по попот мртовецот, а по него фамилијата гледајќи в земи, подофнувајќи си и придржувајќи се под мишките еден со друг; зад нив одеа роднините, блиските, потшепнувајќи нешто меѓу себе за клетата судбина на покојниот и издивнувајќи, по нив одеа подалечните пријатели и роднини, зборувајќи дека овој живот е ништо, ветер, сон, дека еден ден и нив ги чека ова; најодзади, раштркани без ред, чекорат, се влечкаат далечни пријатели, познајници, соседи, луѓе што од грев или милост дошле, зборуваат гласно меѓу себе за сè и сешто: за злобноста на овој свет, на овој живот, за лакомштијата на луѓето, за глупоста, за јаландуњата за лажовниот век; ја прекинуваат поворката кај што сакаат, стрчнуваат во продавницата да купат нешто, и пак се враќаат, клоцаат со нозете и по добиците што рикаат и се мешаат со поворката, се пулат во жените што запрегнати во кошулите перат алишта на езерото; разговараат за војните, за времето, за бериќетот; носат срп или вила со себе, и штом ќе стигнат до црквата, не чекаат да го стават мртовецот в гроб, туку се распрснуваат кој каде по работа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Понекогаш одеше во трапот кај Дрвото на умрените на кое луѓето бесеа алишта од умрени после секој погреб за покус да не умре друг од куќата, одбираше од алиштата и што ќе му се допаднеше облекуваше.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
и тука, слично на овие птици, крештеле, врескале, пискале, југале, фаќале заскитани добичиња ноќе, ги молзеле, им ја пиеле крвта, играле оро околу нив земајќи им го умот, се пикале во оџаците и гнетеле крпи за да им чади на луѓето; тука луѓето сега, на тие трски и шевари, после секој погреб фрлаат од умрениот: кошула, чорапи, капа, антерија, риза, убрус, скутник, шалче, шамија - за покус, за да не повлече умрениот и друг по него од куќата;
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Започнаа луѓето од лично полично да ги закопуваат умрените: на секој погреб свиреше музика; кога ќе писнеше таа, кога ќе зајачеше тажно, целото село излегуваше надвор: застануваа луѓето на плотовите, на чардаците, на портите и слушаа, слушаа олцкајќи и бришејќи ги очите.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)