Имаше ноќи кога Висар често ја сонуваше бесмртната вода; сонуваше, како слегува во езерото да ја бара: поземаше воздух колку што можеше, скокаше од чамецот и се спушташе кон дното, но воздухот бргу му се трошеше и тој повторно се враќаше назад; Трајан му го пушташе веслото, му подаваше рака да се фати за чамецот, да се одмори, и потоа, земајќи повторно воздух, се спушташе сè подлабоко и подлабоко; не можејќи да слезе до дното, се разбудуваше сиот облеан во пот; погледнуваше кон прозорецот, кон месечината што блескаше, а во главата му одѕвонуваа зборовите на братучед му Трајан: каква бесмртна вода...! Глупости се тоа...!
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)