Талка низ камењарот, бара нешто низ маховината, низ јагликите, во трагите од дивечот, влегува во пештерите, ги ослушкува знаците по ѕидиштата, го одгатнува стенкањето на коските в земи, и дури татне луњата пали огнови, запишува нешто по ридовите, зашто секоја негова стапка е некоја тајна и некој збор.
„Ненасловена“
од Анте Поповски
(1988)
Можеш ли да му ја поматиш верноста
кон земното, додавајќи знак по знак
откривајќи ги срамните делови
на твојот систем
загадочниот метод
небесниот свод- дом
за да може да оди по истиот пат
и да стига до истата цел
човекот, оној кој над црната точка
стрепи по сличното, од различното стрепи
спојува еден со друг:
еден и еден, два со два, седумдесетидва
името го дели на четири
елементи – I.H.V.H.
тетраграматонот го врти, го враќа
ред по ред реди
вистината на скрбта ја учи
завист и суета, суета и завист
сѐ е бесценет камен, а број
свет и сила
равенката меѓу нив се припикнува
како вода меѓу шуплинките во карпата
како зрак во мрачна капела
бели точки на црна површина
поделена на две:
еднооко човече
дворог Пан
троока нимфа
четириаголен круг
пирамидална петка
црно на црно
расфрлан, разигран
Ум на Светлоста
Умна светлост.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)