карпа (имн.) - од (предл.)

На Рада ѝ се симна карпа од градите. Конечно ја проголта грутката која долго ѝ стоеше како тапа во грлото.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Комитите и нашите фатиле пусија во грмушките и зад карпите од двете страни и го пуштиле Куцовангелис со своите луѓе да влезе меѓу нив како во клешти. - Ние само ги стегнавме клештите.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Најмногу душата му се собираше кога делкаше воденички камења; со денови вртеше околу карпата од која требаше да се издвои поголем камен од кој требаше да се изделка воденички камен: ја набљудуваше карпата, секоја нејзина жилка ја проучуваше: од каде трга и каде оди, каде се разгранува, слично на ботаничарот што ги проучува жилките на растенијата, како дрварот што го проучува дрвото од која страна да почне да го цепи; го проучуваше до каде оди цврстиот дел на каменот, а од каде почнува болниот; го обележуваше со креда, со керамитка, со врвот од глетото.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Не стебла - карпи од неплодна земја, три лути заседи, синови туѓи на туѓинецот.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Не постојат јагули што не поминале низ утробата на песна (карпине од западниве планини поминуваат само низ бакарен залез) Инаку што ќе претставуваа свирепите беспоштедни талкања и авантури на јагулите по студените води високо високо (низ каменото планинско грло), кајшто рожбите на тајните ги убиваат сестрите тајни.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
„Кога ќе стркалаш карпа од ридот зар можеш да знаеш кого сѐ ќе повреди, во што сѐ ќе удри и каде најпосле ќе се распарчи и ќе се здроби!“, ми вели тој а со очите како и вистински да ја гледа таа огромна грамада што се валка од ридот и оди право кон него.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Како карпата да беше тој самиот.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Таму, зад карпите од другата страна на планинскиот порој, малечкиот Иво, бојаџијата од Шилиговец, кој беше од почетокот член на групата префрлена зад грбот на непријателот, и речиси веднаш погрдно именуван за шептач на смртта, трипати се влечкаше да ја наполни со вода матарката на Раде за да му го излади челото.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Вечно полупразни перони во долго очекување на една трошка радост и сива карпа од страв пред пристигањето на едно умирање Рамни мермерни подови што го мазнат лавиринтот од изгубените стапалки пред едно вечно чекање што сака никогаш да не дојдат возовите со мала кратка радост штом можат да донесат едно крајно умирање
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)