Кафеаната секогаш беше преполна: влетуваа во неа Ѓупките со дајрињата в рака, пееја, се виткаа, ја тресеа снагата; гледаа луѓето ококорени во нив, пуштаа раце кон нив да ги фатат, да ги штипнат, но тие како јагули се извиваа и избегнуваа од дофатите; кога ќе им ги собереа парите на луѓето, излетуваа надвор без поздрав, без збогум; утредента пак влетуваа со тие опојни песни и со тоа лудо тропање со дајрињата што свеста ја земаа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)