навик (имн.) - и (сврз.)

Може да се генерализираат како успешни и стабилни луѓе со комплетно сменети навики и манири, како и јасна слика за она што го сакаат...
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Јемиш, зарзават, мешпајз... У оваа земја постојат чудни навики и големи разлики во начинот на кој се пазари, што се пазари и колку се пазари.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Ако е сигурно дека градовите и гратчињата каде што има многу геј- народ ќе процутат во „креативната доба“, тоа нема да се должи само на тоа што новиот сталеж на „креативните“ работници се состои од „бубалици“, од откачени и од луѓе со „претерани навики и алишта“ кои гравитираат кон места со „низок праг од пречки за влез на човечки капитал“, каде што мештаните, главно, се отворени и трпеливи кон неконвенционалните луѓе.
„Како да се биде геј“ од Дејвид Халперин (2019)
Сиот дијалог со бруцошката што зборуваме најмногу со своите очи, а која сега завршуваше фармација, го тинкаше нивниот син а уште носеше и второ дете во својата утроба, веќе одамна беше завршен, и тоа на најсреќен можен начин; и сега Миха бараше нови соговорници, по истиот навик и по истата потреба како што секоја изутрина кога одеше на работа од дома си земаше бурек за појадок, една четвртинка во една а друга четвртинка во друга бурекџилница, зашто му беше срам одеднаш да побара половина пита - толку млад, симпатичен и непорочен, иако веќе не само лекар туку и доктор.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Луѓето наследиле од дедовците навики и знаење; напролет го садат компирот на онаа педа земја што ја имаат, се веднат со копачките во лозјата зад ридот, го следат со очи снежното окопнување во дабовиот честак; налето се виткаат над компирот да го прикријат со тврдите грутки, ги колнат ненаситните кртови, чекаат дожд; наесен го слават гроздоберот и вардат - што помалку леб ќе се изеде, сѐ повеќе зрна ќе се засеат ораниците.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
А тоа се пред сѐ: добро да учите, добро да се однесувате, да развивате кај себе работни навики и да ја сакате работата, да бидете уредни, да бидете добри другари и слично.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Облици на нова музика во своите дела воведоа и другите уметници, но Кејџовото место меѓу нив е секако посебно: тој со своите радикални и неконвенционални музички мислења и постапки повеќе од било кој друг ги разниша застарените навики и конвенции на дотогашната европска музика.
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Брат ми веруваше дека Чарлс Дарвин му го нашол вистинското место на човекот - во животинското царство; тој тврдеше дека со Дарвин започнува вистинското сфаќање на човечкото суштество - како креација на природата настаната во преобразбата од еден животински облик во друг, а не Божја креација од прашина со вдахнат божји здив.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Тоа беше местото каде што се скина тенката нишка помеѓу нас и нашите заборавени претци: ние бевме првите неверници во долгата низа поколенија од времето на Мојсеј до нас, првите кои работеа во сабота, кои јадеа свинско, кои не одеа во синагога, кои не кажуваа “Кадиш“ на погребението и на годишнините од смртта на родителите, кои не го разбираа хебрејскиот; за нас светиот јазик беше германскиот (брат ми веруваше дека германскиот јазик е единствениот кој во потполност може да ги изрази највисоките вознеси на човековата мисла), се воодушевувавме од германскиот дух и правевме сѐ да бидеме дел од него, живеевме во Виена, престолнината на Австро-Унгарија, која беше нарекувана “светата империја на германската нација”, и со некакво чудно воодушевување, со кое го прикривавме зазорот кон својата традиција, ги прифаќавме тогашните навики и однесувања на виенската средна класа.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)