Се чудел Онисифор Мечкојад, поточно не тој самиот туку како некој одамнешник да демнел од него со прашања зошто не го оставил другиот Онисифор сам да се расправа со закопот, како и пред тоа - со покојниковите претчувства и предвидувања.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Во некаква мртовечки зелена светлина што му лежела од другата страна на очите гледал танконог белец со проѕирна кожа како удира со копита крај гол куп месо на својот господар, потоа со нечујни скокови доаѓа до јама на чии запалени гранки догорува облеката на неговиот јавач, ја крева муцката кон небото и пишти со детски глас; под гранките догорува мртовецот и никој не ќе знае кога ќе му ја најде черупката дека жилата на челото била сечена - нејасна вина, ништо повеќе, грч на душата што се јавнувал само ноќе; гори мртвиот Дмитар-Пејко, коњот ја издолжува уште повеќе танката шија, копнее по сребрената 'рж на небото или му се моли на некој коњски бог да му ги исцери раните од селанските секири и колови; на жилава гранка зад карпите под кои пред тоа била дружината се мавтаат на ветар скинати узди.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)