темница (имн.) - четири (бр.)

Адолфина, паулина, марие и роза - сал една би била вишок во драмата на чехов а сите се отпишани од тефтерот на брат им зигмунд фројд отла и кажува на адолфина дека ги довеле во логорот во терезин и дека е најдобро тука да останат што подолго отла и кажува на адолфина дека храната е еднолична, катаден супа од леќа а попатно и спомнува дека има брат по име франц кафка адолфина веќе почна во себе да го портретира кафка мачејќи се во шеширот да му ја смести ергенската несреќа - во бараката на трудниците несреќата има друго име во предвечерјето на смртта и без месечина јасно се гледа дека црното млеко не е поетска измислица под црно сонце во црна темница четирите сестри на зигмунд фројд спокојно го чекаат црниот воз кон невратот рано в зори и не го забележаа брат им зигмунд како нервозно се тртка лево-десно на перонот пред да си ја испрска совеста во ѓолчето од сестрински солзи.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)