Најлоши биле оние што го раскажувале филмот, всушност, кажувале кој е убиецот во филмот со криминална содржина или дали момчето и девојката ќе се оженат откако претходно воделе жежок секс, ако не им купиш од изложените артикли во кошницата од врбови прачки.
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Ако некој се наведнува преку прозорецот
од другата страна на проѕирниот свод
меѓу вообличеното и невообликуваното
значи: Нептун се наведнал
Посејдон посегнал, стрепел страотно
китот убиец во височините се нурнал
свикнат на дно, на бездна
свикнат на најкусиот пат
до центарот, внатрешниот круг на Психе
до замислената точка, мигновената морфема:
едната глава на едната, другата на другата
страна, оностраната
медузо, пијавицо осмоока
стовариште за back-up фреквенција
за реставрација, свргни ја од власт
формата, поведи двобој
восторжи ја публиката, гледалиштето
дејството изделај го зад кулиси, класично
спушти го пердето, занишај ја сцената
оддалеку навева Вишниот
виши, виши вишнее
а под него тлее
водена артикулација – Сѐ.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)