Таа, на магичен начин, ја поврзува реалистичката постапка на Јован Бошковски, авторот на првата збирка раскази на македонски јазик, со некаков си урбан „фантастичен реализам” на Веспа Демонска, на пример; или, Урошевиќевата постапка на „онеобичување” со гротескната слика на градот на Ермис Лафазановски; или, налудничавото Скопје потонато во православна хистерија од Самураи на Славко Јаневски со новиот сензибилитет и урбаниот пејзаж на Буде; или, лирски снажното стареење и изумирање на нештата од расказот на Димитар Солев со осаменичкото, отуѓено и невротично „живуркање” на студентот од Ѓон на Драги Михајловски; или, Чаршијата од предземјотресно Скопје на Данило Коцевски со денешниот Битпазар од расказите на Јадранка Владова; или, фактографското отсликување на личните спомени врзани за скопското предградие на Ташко Георгиевски со александриската или „борхесовската” постапка на ерудиција која ја негува Венко Андоновски...
„МАРГИНА бр. 34“
(1996)
Од кожарско-ќурчиската чаршија, од Капан-ан до Туз пазар, туфекчиската чаршија од Мустафа-пашината џамија, дуќаните и работилниците со ножови, сабји и друго оружје, до платнарите, абаџиите, бојаџиите, казанџиите, сарачите, јорганџиите, калајџиите, терзиите и кафтанџиите, сѐ беше на нога и траскаше, чукаше, коваше, тропаше, викаше, довикуваше, и повикуваше, а дуќанџиите шеткаа пред своите мали царства, не сакајќи да мислат на големото што ги беше поклопило и кое им ја пиеше и потта, и душата.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)