И затоа кога во зорите, нешто посетен од трети петли, Јанческите со запалени вивки и гламни истрчаа на срецело и нададоа лелеци дека ајдутин го одвел Бошета нивни. (Велеа на измама; божем само за да го изнесе на пат за Прилеп, а оттогаш од сред полноќ, и покрај што изминало толку многу време, Бошета го немало да се врати, а за јамка дека ќе го пушти да се врати им оставил едно чупале, петгодишно и сето завиткако во коприна и во кожуви, небаре е цариче, и еден коњ, ат, ист небаре е царски.), сите, трчајќи накај срецело, велеа Ама ајдутин, ни пците, ем што се пци, не го сетија, не пак човек кој е со помали дарбини од нив за тие работи, да го сети!
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)