Инаку се и големи талкачи; талкаат со говеда, со овците, низ полето, ливаѓето и по ридовите; талкаат, ловат и риболоват, во Црна, во мртвиците, во Блатото,а поледелието и сточарството, иако им врват одлично, повеќе ги сметаат за нужности на поминокот и поводи за празненства, дедека становниците на Градиште, судејќи според она што останало по нив за да сведочи за нив, кованите пари, керамиката, разните украсни предмети од железо и преданијата, кои сегашниве жители на Потковицата, чувајќи ги и пренесувајќи ги од колено на колено, ги измешале до непрепознатливост, морале да бидат воини и инородци.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
На враќање назад го заврза коњот за еден трн крај патот и, чурејќи со цигарата в уста, скршна од патот во мртвицата, за да се олесни зад меѓата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)