Доктор Миха си призна дека ретко кога некој вака не само што го надзборел туку и го надвикал, вовлекувајќи го во вртоглав вител од самозадоволство со изиграните улоги, од амбицијата за нови од значајни позначајни и од илузијата за врвната кариера како врв на мразулец.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Велиш: „Одам по рабовите“
- нели од рабови составуваш целина
однапред осудена на распад
- Ѓаволот на уништувањето бдее
над совршенството
држејќи долги остри ножички
меѓу прстите, па
слатко, со апетит
сецка, дроби, кастри
перверзно
смеејќи се
оти знае -
оние кои се изрежани
на ситно
без престан крварат
и бараат серум
во умешноста
да откриваат светови
што не можат да ги задржат
само за себе
па ги исплазуваат
како јазик
или, бараат пат под нозе
или, си го менуваат идентитетот
бегалици засекогаш
или, се претопоуваат во коктелите
на натурализацијата
асимилацијата
од оваа страна на границите
од онаа страна на границите
а тие, проклети,
се менуваат до бесвест
додека ние
паѓаме во вртоглава
инфлација
се занимаваме самите со себеси
онанично,
параноично
безочно !
Суво злато, делба
Сѐ друго е минато
- Македонија што ја нема
- Македонија, мрачен предмет
на желба
зар и тоа е Македонија
бездомничка
Македонија суво злато
Македонија подземен свет
глобок сон
тајна историја
темно време.
Алчна, одиш
во пресрет на судбината
и го бираш поголемото
од двете...
Земја си,
одбрана
да ја усовршува
поетиката на
делбата.
Да експлодира.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)