по (предл.) - ранет (прид.)

Од утре ќе ја забравам вратата, ќе ги спуштам ролетните, ќе ги исклучам телевизорот, фрижидерот, машината за перење, ќе ги изгорам фотографиите, писмата и сите останати продукти на хуманизираната носталгија, ќе се соблечам и... ...во мракот, во молкот, ги начулам ушите, пуштам да ми се провлече 'ржењето низ грлото, нечујно газам по тепихот од трева, бршлен, од мравки и изгниени коски на жртвите, ги насетувам, од другата страна на решетките, преплашените контури на полуќелавите, бледи чиновници, го одбирам најмалиот, најизгубениот, веќе му го распознавам лицето што со мазохистички грч се ѕвери во мене, со побелените прсти го стиска работ од канцелариската маса, врз која лежи расфрлена хартија, избраздена со црвен фломастер, немарно се испружувам, токму до неговата нога, загризувам силно, под платното на пантолоните, под епидермот, но не дозволувајќи му на сечивото на забот да оди подлабоку, заплачува додека со јазикот нежно минувам по ранетото место, сѐ уште воздивнувајќи од болка го зграпчува црвениот фломастер, нервозно зачкрипува по хартијата... волшебниот лет на шарената топка или повеќезначност на современиот театар ...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)