Додека одев кон своето место, го уловив погледот на Луција: таа насетуваше некаква крупна промена кај мене, оти никогаш порано јас немав задоцнето, ниту пак разговарав со таков циничен, препотентен тон со некој наставник; ме гледаше од ниско, и јас знаев дека меѓу нас е готово, дека мојот циркус е посилен од нејзината Партија; од друга страна, покрај неиздржливата болка дека ја губам, дека поминувам во еден друг свет, дека се реинкарнирам уште при живот, чувствував една неподнослива леснотија на постоењето, една слобода која ме опиваше: јас го имав, наспроти овој дисциплиниран клас, мојот циркус, и мојата Ина, со која за една ноќ бев полбизок одошто со Луција за четири години.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)