Не приоѓајте му,  Три жени со бели шамии околу главите  Седат во полето и го чуваат него  Спроти долгото патување низ темнината,  низ бесконечните растојанија  од студот до огнените знамиња на плодот,  не приоѓајте му,  Утрово ќе ги искачи ридовите  и ќе застане на она место  каде што застануваат јулските квечрини  да ја гледаат девојката со срп во рацете  како оди низ полето  и застанува боса среде реката  на залез сонцето за да ја оплоди  и така размножена да истече со реката  до свирепите мориња на усмата,  Оставете го,  Однесете му тогај вода,  дајте му сол,  и чист во душата нека си легне во полето  да слуша како пеат светулките  меѓу ожнеаните стебленца на пченицата.
               
             
           
            
            
              „Љубопис“
               од Анте Поповски 
              (1980)