Ѕвездочатцу
   имаш Карта крајно нескротлива
   расеан ракопис, загадочно четиво
   менливо, минливо, мамливо
   од миг до миг: од мèна до мèна;
 
   имаш вистински образец за устројство
   митска синтеза
   заканувачки показалец: сѐ е сооднос
   агол и положба;
 
   имаш работа со сосредоточено движение
   марливо мрдање на енергијата
   духот, Силата
   со поместувања страсни
   спрема оностраноста, Ѕвездочатцу
 
   небесниот текст е таинствено шифриран
   а ти го читаш чудото, зачудниот Ум
   резовите на молкот, штамата
   понорите на смислата
   бесмртното сеење на смртта
   семето, знакот, нишанот!
               
             
           
            
            
              „Ерато“
               од Катица Ќулавкова 
              (2008)