голем (прид.) - мерак (имн.)

На крајот се разбра работата од каде беше: Мајка му на јузбашијата беше била каурка — Гркинка, но беше побегнала за некој си бег во Солун, ама од голем мерак што имале обајцата еден спрема друг, таа успеала да го кандиса да не ја потурчува, што значи тој беше од татко Турчин, а мајка христијанка, која во неговото детинство беше повлијала на неговото воспитание и разбирање за каурите.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Сето ова беше направило од овој Турчин културен човек, и тој како таков се покажа во Полчишта.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
- Има голем мерак по книгата.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Ете што ти е наш човек: голем мерак по успех и слава, ама уште поголем по јадење бурек.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Тој секој ден црташе нова карта со границите на својата татковина и секој ден со голем мерак ја прошируваше на север, на југ, на исток и на запад.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Ја правеше викендичката сам со години, со голем мерак и љубов, камен по камен, даска по даска.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
НАЦА: Не е лесен ум, туку голем мерак.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
СПИРО: А, колај работа за тоа. Ќе земев некоја друга.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Суџуците таа самата со голем мерак ги подготви за инает на новиот Музафер-ага, ги измеша со јунешко месо и со разни мирудии, и откога ги исуши им даваше на децата да грицкаат сув суџук, за да не ги издаде миризбата при пржењето.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Е голем мерак ти имам по пусти пари.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Уште од дете, додека беше целокупен, Мице имаше голем мерак да стане свирач и затоа, секогаш кога за свадба или селска слава ќе дојдеа свирачи, се пикаше меѓу нив со по една клечка во секоја рака, застануваше пред виолинистот и ставајќи ја едната клечка фатена со левата рака под пазува наместо под брада и со другата заструтувајќи преку другата прачка, ги имитираше движењата на кеманџијата и заедно со него ја свиреше и ја пееше песната што свирачите ја свиреа и ја пееја.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Големиот океански бран ме крена угоре како што се креваат големите мераци па ме тресна на дното каде што неизоставно завршуваат големите надежи.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)