Хајдегер не ја разбираше баш оваа луда трка на зелките, не знаеше колку време сака зелената зелка да стане кисела зелка, расол и како што не беше сигурен дали новиот качкет му е тамам така и шепотејќи сам си се прашуваше дали навистина секое мисловно мислење е поезија и секоја поезија е мислење?
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
на дуњава има многу дупки: дупки во времето дупки на патиштата (кон посветла иднина) дупки во умот и помнењето дупки во историјата дупки на кофите дупки во самите дупки во дупнатите дупки секој глас мигум исчезнува нема довикување, нема ехо нема навивање за нашите нема паради на гордоста нема врескање во маалата нема лелекања во градските населби ги нема ни паролите на пролетерите од сите земји дупнатите дупки се царство на глувотијата, мавзолеј во изградба на глувата глувотија во глувите дупки оглувуват деца пред да вкусат кисела зелка а старците веќе одамна оглувнати го трпат неизбежниот пораз што пред да пропаднат во глувите дупки им го претставуваа како живот некои старци сакаат да им пукне бојлерот додека се тушираат арно ама во глувите дупки и бојлерите експлодираат глуво и на тој начин го даваат својот придонес во размножувањето на општата глувотија во која старците загинуваат од глуви експлозии.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)