лажен (прид.) - смрт (имн.)

Можеби јас сум еден од оние кои сликаат според соништата кои одбиваат да ловат, значи да убиваат со полуотворената уста на стрелата за да ја наполнат својата и на своите жени плодови саможитни што берат и за нас се молат да има улов повеќе одошто ни треба (жените кои мислат поинаку ги праќаат своите души на срните да им бидат штитник на стрелите урок) за пречек ни принесуваат богат огрев богот на гревот ни го ложат пред спиење за да заборавиме на писокот на жртвите поостер од остриците во нив набиени за да гинеме од ноќ во ноќ непоштедени од грозата на лажната смрт заблазувајќи им на оние кои писнале еднаш засекогаш!“
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
ќе бараш наслови за следните книги Бесови песни, Лажна смрт, Плодни денови поетите ќе ги распознаваш по интонацијата а времињата и приликите според употребата на заповедниот начин карфиолот и модрите патлиџани ќе ги готвиш без рецепти, така што да побудуваат носталгија по домашно огниште и другите туѓи именки сеедно по којпат, сега чекаш - чекањето по дефиниција е бесконечно - можноста да напишеш песна лебди во собата како можност за љубов, како самовила цела како јајце, како гром, како Господ цела челото го збрчкуваш пред карстната перспектива на иднината и ги трошиш последните резерви надеж - тебе речиси непотребни.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)