Ана неодредено ги читкаше огласите на станицата, лицето на Маргарита бавно се бришеше под перонското светло и не можев да знам дали повторно ме погледна; ни мојот одблесок не можеше да биде видлив на таа плима од неон и реклами, тела што влегуваат и излегуваат.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Моето правило на играта беше крајно едноставно, беше убаво, глупаво и тиранско: ако некоја жена би ми се допаднала, ако би ми се допаднала жената што седи наспроти мене, ако би ми се допаднала жената што седи наспроти мене крај прозорецот, ако нејзиниот одбледок на прозорецот го вкрстува погледот со мојот одблесок на прозорецот, ако мојата насмевка во прозорскиот одблесок го вознемирува или му причинува задоволство или му станува одбојна на оној женски одблесок врз прозорецот, ако Маргарита ме види како ѝ се насмевнувам на Ана а Ана ја наведнува главата за внимателно да може да го испита затворачот на својата црвена чанта, тогаш имаше игра и тогаш беше потполно сеедно дали насмевката ќе биде уважена или возвратена или занемарена, првиот став на обредот и не оди подалеку од тоа, од насмевката што ја лови оној што и ја заслужил.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Но во тој случај Маргарита, ако било што можев да предвидам, тоа е дека во еден момент расеано ќе се сврти кон прозорецот и дека тогаш, во тој случај, Маргарита ќе го види мојот одблесок, вкрстување на погледите на ликовите од тоа стакло врз кое темнината на тунелот става одлики на придушено огледало, го става својот виолетов плиш што се движи давајќи им на лицата живот во некои други рамништа, одземајќи им ја онаа ужасна маска на креда што им ја навлекува комуналното осветлување на возилата а особено, е да, тоа не можеше да го порекнеш, Маргарита, кое ве приморува вистински да го погледнете она друго лице на стаклото бидејќи во магновението на двојниот поглед нема цензура, мојот одблесок на стаклото не е исто нешто со оној човек кој седи наспроти Ана и во кого Ана не смее отворено да гледа во вагонот на метрото, 59 а освен тоа онаа што токму го гледа мојот одблесок веќе не е Ана туку Маргарита во моментот кога Ана брзо го тргна погледот од човекот кој седи наспроти неа бидејќи не е згодно да го гледа, но кога се сврте кон прозорското стакло, таа го здогледа мојот одблесок како демне на тој момент, за благо да се насмевнам, без дрскост а и без надеж кога погледот на Маргарита како птица ќе падне во неговиот поглед.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Но кој ќе излезе накрај со таа питомост која и ни овозможува да преживееме, речиси во истиот момент си реков себеси дека можеби Ана (дека можеби Маргарита) нема да се симне на Монпарнас-Бјенвени (и не се симна), дека нема да се симне на Вавен, и не се симна, дека можеби ќе се симне на Распај бидејќи тоа е првата од двете преостанати можности, па кога ни тука не се симна и кога сфатив дека останува уште само една станица каде што би можел да ја следам наспроти последните три каде што веќе сѐ би било сеедно, пак ги побарав очите на Маргарита на прозорското стакло, ја повикав од таква тишина и неподвижност што тоа мораше да допре до неа како зов, како бран, ѝ се насмевнав со онаа насмевка која веќе ни Ана не можеше да ја занемари, која Маргарита мораше да ја прифати иако не го гледаше мојот одблесок камшикуван со полусветлото на тунелот што веќе избиваше на Данфер-Рошро.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)