негов (прид.) - албатрос (имн.)

Кратки биографски цртички: магистер Кракатау: генијален сликар и вулгарен политички полемичар; едното крило му е малку подгорено па затоа последниве стотина години гравитира кон пингвинска еманација (се дружел како со Бодлер така и со неговиот албатрос; како со Флобер така и со неговиот папагал); феноменален познавач на историјата на сликање на животни; пријателите ги бира според степенот на птицоликост што го поседуваат (П. Вулкански, на пример, 31,3 % од него е клун; остатокот е од вулканско потекло; в. го автобиографското дело Кракатау и Попокатепетл загубени во лавиринтот); магистер Кракатау инаку е еден од најфанатичните заговорници нашата безимена земја да го добие името Маусдонија; зиме живее во оставените штрковски гнезда во Скопје, лете заминува за Келн, кадешто глуми во филмови со препарирани животни; неоженет. доктор Каљостро: неговиот вистински психолошки профил е тотална мистерија иако неколку пати бил на опсежни психолошки испитувања; Апстрактниот Скарфејс и Снежниот Принц се само некои од неговите прекари; за разлика од мг.Кракатау, мг.Каљостро гравитира кон минус, кон мраз.
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)