Чинам се делиме: Твојот пат нагоре мојот пат кон тебе води.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Само, ако фатиш уште еднаш по твоите патишта, кај нас повеќе не ќе имаш кај да се вратиш“.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Сите врвици се за врвење. И да ги мислиш најскришни, ако ти се на твојот пат, ќе ти се раздиплат, ќе ти се отворат, ќе ги врвиш...
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Не сум јас никаков свети Јован да ме молиш. Богат сум, сиромав сум, сеедно. Постам и се причестувам.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Не сум арамија, му реков. За доброто твое патов ме донесе овде.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Секое утро секое утро на твојот пат една нежност умира.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Скршнување
Не скршнувај од својот
пат, народе мој.
Твојот пат е
твојот дом.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Приказни смислувам, митови, стории
за да те кажам: те именувам, ти се обраќам
и те сликам, те олицетворувам, те отелотворувам
и, да признаам, сѐ што сум напишал досега
до тебе обраќање е:
веслање по вода, воздух, етер, земја
учење на твојот јазик
следење на твојот пат.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Левијатан: бел кит
- пофалба на Моби Дик од Херман Мелвил -
Одмаздата е бел млаз, отровен Жрец
Човек не ти е рамен
твојот пат, божји прст
вперен и прав
одек на екваторот
заледена душа во топли води
одмаздата е млаз, езди на југ!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Твојот пат е
твојата светост.
Твојот пат сочинет од
име и идентитет
и другите
подзаборавени
потценети
распродадени
за туѓ ќеиф, по сопствена вина
- доблести и добра
сега и материјалните
територијалните
егзистенцијалните
сѐ
за да бидеш
и никој, и ништо
и да се рассееш
по светот
БЕСТРАГА, НЕВРАТ
ЏЕНЕМ, ПО ЃАВОЛИТЕ
надвор од јазикот...
Но твојата трага
- длабоко втисната
тетоважа
на светот -
не е само твоја.
Не скршнувај
од својот
Дом
народе мој!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)