Богдан чувствува како со секој ден сѐ повеќе малаксува, сѐ повеќе го губи апетитот за јадење, сѐ повеќе креветот го држи закован за себе, сѐ повеќе ја губи волјата да стане и да појде во градината; воздухот чувствува сѐ поредок му е и со мака го дише; под кожата крвта му се згрутчува како црвени кристали, како да му се замрзнува, сиросува; гледа: со животот го сврзува само уште тенка нишка што се мачи да ја одржи; го чувствува нерамномерното чукање на срцето, и во мигови кога помислува дека ќе запре, ги трие градите за да го потсили или да го сниша како часовник што подзапира.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)