Иако таа волшебна кутија му ја презентираше војната и порано, тој дури сега, кога самиот свесно реши да ја облече оваа униформа и да го земе ова оружје, целосно ја разбра онаа изјава на новинарот од раскрвавеното Сараево од пред десетина година: „Кога сфатив што е војна, ќе ја заменев целата телевизија за два тенка“.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Низ книгите откривавме и сликари кои никогаш не беа стапнале во градот во кој мечтаевме да живееме брат ми и јас; во оние за Бројгел и Дирер, меѓу фигурите на нивните слики, ги баравме будалетинките, тој веќе со векови исчезнат подвид на хомо сапиенсот, ги препознававме по чудните капи, најчесто со магарешки уши, или со две или три испупчувања налик на рокчиња, понекогаш со туфнички на нив; будалетинките, кои уште во времето на фараоните ги забавувале владетелите кажувајќи глупости, а скривајќи ги во нив најголемите мудрости, будалетинките кои секогаш се наоѓале во европските дворови покрај кралевите, кнезовите, грофовите; будалетинките кои сѐ до шеснаесеттиот или седумнаесеттиот век можеле да се најдат насекаде по Европа, се шуткале од град во град, од село во село, земале по некој грош на прославите на празниците; будалетинките, оној дел од човечкиот род кој можеби со мудрост се откажал од разумот, тие можеби свесно решиле да бидат за потсмев на останатите луѓе, потсмевајќи му се така на целиот свет, а и на оној кој светот толку погрешно го составил; токму таа свест дека светот е погрешно составен била можеби главната причина да се откажат од разумот. …
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Во салонот на Берта Ауербах, сместен на спратот над собата на Сара, секоја среда навечер се собираа десетина млади луѓе кои се докажуваа едни пред други, обидувајќи се да кажат нешто умно за животот, за љубовта, за музиката и за литературата, и скоро се натпреваруваа кој ќе остави посилен впечаток.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)