анџија (м.)
Арно ама дуовникот други пат не бил во тој вилает, за да знае да шета сам и му рекол на анџијата за да му бара некој калауз, за да го шета по селата и по градовите.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Му се товари анџијата на дуовникот и го моли да го земе Силјана на аџилак, да отаде назад како знае нека си прави.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Многупати на анџијата ќе му истуреа цела вреќа стока само за неколку кила ракија и вино. А и зошто да не? Таа не беше со пот заработена и со крвава мака спечалена.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Таму, меѓу басмари, аџии, скитници, додека од преголем котел некој анџија ќе сипува во чанаци преварен грав со козји дробенки или бел пилав од кочански ориз, ни оние неколцина Турци што ќе се нашле на своја софра и со свое оружје, од анџар до кременка, не ќе им биле туѓи и страшни; плиснати со оган и загреани од скомињава ракија со која се пее и се плаче, тие ќе се разграштеле, ќе се погледнале со сочувство и машко охрабрување и ќе пресметале што уште им останало во торбите и дисагите и колку имаат на колите сено за добитокот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Веќе се растураше пазарот, му плативме на анџијата за сеното, а слушаме вика човек. Ќе си одиме, не си одиме, ама нешто како да нѐ натера да појдеме кај човекот.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Возбуден, тој сербез му ја фрли уздата од коњот на зачудениот анџија, кој играше табла со еден турски заптија пред анот.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Анџиите – Турци не се радуваа на вакви гости – муштерии, бидејќи тие не правеа богзнае каков алашвериш.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Така анџијата Петко си ја нареди работичката и почна да се збогатува и мешето да му расте и да се шири како буренце. „Кому рат, кому брат!“ - велеа селаните.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
На анџијата му светнаа очите, се разбуди: во раката на Пандета заискрија бели меџидии.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
И оваа вечер така поминаа сите – и гостите, и анџиите.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
- Ќе попрашувам по луѓето, велам, ќе попрашувам по пазарите, по анџиите. ״Најтешко ни е нешто да почнеме“, велеше Лазор Ночески, ״а многу полесно да го завршиме“ , му велам и влегувам во една од собите.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Анџијата промрморе нешто незадоволно и, смуртен, стана тетеравејќи се, како да беше пијан.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Истиот ден, околу два часот по полноќ, не можејќи од возбуда да склопи очи и да заспие, Панде го разбуди анџијата, кој ’ркаше како некој стар, со години неподмачкан чекрк, истркалан малу подалеку од него на сеното, под скалата, до вратата.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Научив турски. Едно време со брат ми Лазара поработив кираџија, сетне и анџии работевме.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
- Многу е рано, чорбаџи Панде... - рече без лутина анџијата и го поотпушти фитилот од секнатото мало ламбиче, ставено на еден голем превртен кош.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
– „Ха, еве ти, Силјане, тебе работа како што бараш, му рекол анџијата на Силјана, на нога да шеташ по селата“.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Анџијата Петко, покрај анџилакот, се занимаваше и со земјоделство.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
На Биновци им притекна на помош самиот нивни анџија — „Бугаринот“ Мито, со сите Јенималци од Битола; на Дима — неговиот „Грк“ Крсте Нале, со сите џамбази и Власи од атпазар и токму на местото каде што Турците го обесија Алекса Турунџа се отвори „муаребе“(Војна).
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Грчките пропагандисти одамна го трујат тамошниот народ и му ја убиваат душата; арнаутите им ги отимаат имотите на селаните, им ги палат куќите и ги убиваат; цинцарските анџии и чорбаџии, кои скоро секогаш биле грчко оружје, тој несреќен крај го имаат доведено во страшна положба; агентите на Милоша Милоевиќа - кои би требало да бидат апостоли на јужнославјанското единство и ангели-хранители на незаштитените и убиените, т.е. кои би требало да ги заштитуваат бугарската народност и бугарското име - проповедаат некакви назадни идеи, сеат раздор, создаваат поблеми и ги тераат своите браќа и сојузници да го изгубат и својот последен карактер и да се фрлат во прегратките на јужнославјанските непријатели.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)