апсида ж.

апсида (ж.)

Како кошаре се отворив со матарка се премазав да се помамиш по мирисот да ми дојдеш матицо моја станав кревок и подгорен пергамент мозаик незаштитен со песок непрекриен со мрак се оптегнав како апсида за да стапнеш, конечно, во мене со поглед вперен угоре налик на реквием или псалм одекот да ти биде длабок.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Игуменот им кажа дека е градена во вид на крст, лежи на четири столбови, со апсида на источната и западната страна, со две куполи.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Започна да трага – отпрвин незабележително, потоа сѐ понервозно; на третото зајдисонце, пред гробот на мачениците во апсидата на мартириумот, еден од доушниците му дошепна дека каменот е сокриен во домот на трговецот Моше, синот Азаев, во еврејскиот кварт.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Три зони во олтарната апсида. Овде имам архиереи, во архиволтата ликови со медалјони.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
И го видов во моето видение и него: мал, расклештен, со опашка грозна, влакнест како пајак, во центарот на малата апсида: отстранет, прогонет од небото, од таванот на одајата мрачна, но сепак тука, блиску, како да чека да се врати, како да е привремено тргнат на страна; прогонет од големото, тој чекаше како пајак влакнест во своето мало небо, оти небото на две беше поделено, на големо и мало; си чекаше таму, сам во својата вселена, со тие негови вжарени очи на гревот, страста и блудот; и во тие вжарени очи јас ја видов, во откровението мое, сета историја на светот, вековите со страдања, казни, измачувања, распнувања, убиства и кражби, блудничења и невери, потоци крв и солзи видов поради страсти јавно искажани, поради создавање вселени мали, поради ловот на малите и неспособните во мрежите на големите, силните и отровните; и видов дека и Филозофот гледа, и дека мисли исто што и јас, и дека се обидува да се сети како гласеше последната реченица со која завршуваа претсмртните ливчиња на отец Мида, па се разбравме со поглед и јас реков:
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)