бакрдан (м.)
Има два вида бакрданик, варен и вртен. Варениот се припрема на брза рака; откако ќе зоврие водата во котелот, во која пред тоа има турено сол и неколку дрвени лајци сало, полека се сипа царевно брашно и со сукало постојано се врти, затоа и се вика вртен.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Можеше да стане угостител и да држи кафеана со македонски специјалитети кои денес се нудат, како расолница со сечкана сува пиперка, растриен компир со праз, исто таков грав, бакардан со и без сирење, пиперки со урда и тие некои живи салати во качиња и буренца... на децата им се збоктисуваа, зашто се вртеа сѐ истите и истите, па можеби затоа ни денес не одат по кафеани.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Од бакарданот се креваше густа пара. Остриот мирис од пченкарното брашно и дразнеше изморените гладни луѓе...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Векот време седевме и си зборувавме за бакрданик, за палеж, за варена тиква. Кому што му се јаде.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Озгора идат команди, а ние уште го сркаме бакрданикот. Со маштеница го сркаме.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Бакрданик со козја маст, вели, мртва уста ќе зине да касне.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Чардакот од нивната богата куќа беше тесен за неа; бунарот во авлијата плиток за кофата што ’рѓосуваше во која таа влегуваше сосе калци; маштеницата не се пиеше инаку освен направо од ѓум, а бакарданот се шмукаше како да е сок од дренки.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Со своите бројни стада, со шарпланинците, посебно со својата мијачка облека и говор, и со сточарската исхрана, бакрданик, сирење, грав, и овчка пастрма, за сите пелагониски селани, посебно за жителите на Потковицата, во чиј синор спаѓаше заветрината, мијаците претставуваа вистинска атракција но не и туѓинци.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Ама на Илка сонце му грее! Бркаданикот беше одамна готов и речиси истана.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Баш ми се пријал бакрданик со сланинка, ама така мекичок да е — како за стари луѓе: та веќе не ти ида ваа есен, не плаши се ни ти, ни твојте вдовици и ергени.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Ѓеро вели дека бакрданикот е подобар со сало, а Гоше - со козја маст.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Тој беше свидетел кога протуѓерот во придружба на гавазот му го зеде бакарот на Степана Луов, до последното котле, во кое им вареше на децата бакраданик; кога на Митрета Пожарков му ги собра искинатите покровчиња со кои си ги покриваше шесте мали дечиња; на Севдиќевци им ја црпна и последната ока брашно.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
— Ами, ти само кажи шо сакаш, шо ни куќа има сѐ е твое. A шо велиш за бакрданик, дал господ и мумурузно и сланина.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Зар му е тоа толку по ќејф? Или, баш маката што не му е по ќејф, го прави уште повеќе зол, како лишка што од инает блуе пред котел со бакардан?
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Претпазливо и тихо се огласи работникот што го направи бакарданикот.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Ги заборавивме и јадењата, и зборовите: бакардан, пченкарник, топеница, туримешај, и качамак, и сега најчесто палента“ рече Теми.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)
„А џимиринките врз полна тава бакардан!“ додаде Филип.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)
„Бакардан? Што е тоа бакардан?“ се чудеше Ивана. „Не знаеш што е бакардан? А пакетчињата инстант палента, а?“
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)
- Баси му мртовците, вели Гоше Љубин, овие ќе ни го истурат котлето. - Кое котле, велам јас. - Тоа со бакрданикот, вели Гоше Љубин. Се насмеавме.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)