бацко м.

бацко (м.)

Првите дни машките фрлаа по некој и друг поглед во Нешка кога идеше со бацкови и Стојановци измиена, исчешлана, без прцле и цилувци, во ново кошулче, со ново гунче, подбрадена под гуша, но кога се виде дека ја вардат тројца, сите дечиња, и тие од I одделение па дури и од IV, не смееја да ѝ се опулат накриво, не пак да ја задеваат.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ќе ги вратат чесно и поштено и со некој динар и друг интерес на недела ли, на месец ли, како ќе најдат мунасип бацковците.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И налето, по вршење, ќе се прошета лично бацко Пере по селата, ќе се види со пријатели и ќе ја собере вересијата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И сѐ очите му беа во малата Анѓа. – Ете, да не ни го грабнеа Ѓелета, сега ќе си го пратев со бацка му овчар; да не ни го грабнеа Ѓелета, сега ќе ни помагаше на снопјето врзување, на жниење, на вршење.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Офна како од куршум пронижан и изусти длабоко потресен: — Ти ли си, Петре, брате? — и почна да го бакнува по крвавото лице на бацко му Петре, којшто се онесвести од силната возбуда што го најде брата си во крвавата борба со „непријателот", за кого веруваше дека загинал уште пред три години.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
— Е море, си ода, бацко Толе, си ода, бре, млада су, ми се сака да носа, да јада локумчиња, шиќерчиња? — му одговори таа слободно и му намигна со левото око. — Зар тебе не ти се каснуа пиленце?
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Токо, ајде, ајде, жени, соберете торбите и дајте му на бацка Стоја нека си покасне, та нека си легне, оти — слушате? — петлите веќе зачестиа.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Бацко Стојо, и ти бацко Илко; и вие невести! Од денеска јас сакам да имам челад, и еве а ве — на скутот си а имам.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
— Море, како така, бацко Толе, ами роднина сме! — почна да се брани Ѓурѓа, знаејќи ја Неда како негова посестрима и расипана девојка.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
— Нема кај да го тура, бацко Крсте. — се провикна едно младо голобрадо момче од Врпско.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Како сте дома, бацко ти Стојо, Трајко, шо прават?
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Кога пукна зората, на 14 октомври 1904 година, кај Цоцовци дотрча селанец и на Толета му рече: — Бацко Толе, аскер здола Црна!
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
„Чиј беше тогаш тој глас?“, — се праша Митре и со молњевита брзина си одговори: „На бацка Петрета“.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)