благолик (прид.)
Од што се плашеле? Бездруго од платеници на суробрадиот Али-бег што не признавал друго воденичарско господарство освен своето: па дури и на оние благолики Турци, наргиличари со среќна насмевка на алахови почитатели што не ја одобрувале неговата алчност, бегот можел да им се одмазди на некој начин; во својот долап со изрезбани арабески во дабово дрво имал пергамент за дедовски и татковски и свои заслуги во кој, со милосливост на султанот Махмуд Втори, се барало од граѓанските и воените власти да му бидат секогаш при рака, не додавајќи ги кон сето тоа легендите за неговите браќа што се истакнале во ликвидирањето на побеснетите јаничари и крџалии и пријателството што го врзувало со секакви мутеселими, кадии, кајмаками, шејови, заслужни бегови; се знаело дека во еден спор и самиот валија, државник и поет и исто толку почитатели на поетите Зати, Фузули, Наби, Вејси, набожно ги допрел со набожниот султански ферман градите, усните и челото и го прогласил неговиот стопан за доживотен праведник.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)