боде несв.
бодеж м.

боде (несв.)

Никогаш не ја заборавив сликата на разиграните дервиши како занесено до транс играа и скокаа, бодејќи се на крајот со долги и тенки куки кои влегуваа од едниот, а излегуваа од другиот образ.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Патем се поздравуваа и разговараа и со селаните од другите села, кои ги бодеа пред себе натоварените добичиња.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Во еден миг почувствува бодење во колкот. Сврте глава.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Над дваесет литија и други црковни знаменија го бодеа небото, наредени по вистинскиот ред.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Можев да видам низ сивожолта зачаденост како бодат и како сечат крвави и песоглави и знаев дека тројцата Турци дојдени во селото под знак на своја ламтежлива правда не личат на себе - разлеано месо и бедни крпи се под сенките на ѕверосаните луѓе што се здружуваат во глутница кога се борат и самите за своја правда, и можеше да се поверува дека од криците и замавнувањата пукаат плитарските ѕидови.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тоа биле студени години во кои сиромаштијата под планинската црногорица му плаќала на султанот данок со крв, кога делии со зелени чалми ги собирале машките деца и ги носеле во булук кон Стамбол и кон Едрене, таму да ги потурчат, да ги научат да бодат со копја и да сечат со синџири, и самите подоцна, како брадести јаничари искитени со шарени перја и натоварени со топузи и криви сабји, да собираат нов данок во крв и да се борат против ајдутите во чии чети бил и Парамон Мечкојад.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Надојдени матни води урнувале мост помеѓу два брега. Така и се случило Кара-Демир попаднал во некој дервишки ред да се боде со клинци и големи игли со диви молитви, како да се казнува за предавство кон исламот или кон долгогодишното пријателство.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
На накривеното куќиште била заглавена над вратата икона од оревово дрво: безимен светец со чудесно лице на млад левент во пламена облека и со пламено копје во пребелите раце јава градест и гривест коњ и убива ламја со густ тутунски чад во ноздрите, боде многузаба исклештеност со грбник на костреш, а во далечина, под замагленото лилаво и алово небо, пукаат планини на чии преслапи зарѓуваат капки сонце - тече црна крв меѓу премазни камења, опашот на чудовиштето со последен бес се обвива околу младите нозе на белецот, земјата испукала од морничавост, во пукнатините повеќе се насетуваат отколку што се гледаат змии и гуштери.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Одеше до една бука преку потокот и, потонат во снегот до стомакот, го бодеше дрвото со роговите, се чешаше од неговата рапава кора.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Ќе ја обесам ноќта и ќе ја бодам в папок глогов кол.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Вака Мила беше меѓу првите на листата за ликвидација зашто учителот на многумина им бодеше очи, со козлето на прагот на училиштето.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Вооружени со по еден голем стап ја држеа дисциплината кај бесните атови и бикови, кои често се клоцаа и бодеа меѓу себе.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Тогаш го видов оној белец што луѓето го бодеа со колови и го сечеа со секири.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Или можеби ти виде дека го боде ајванот со вила, дека ги пали луѓето.“
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тогаш прв пат почнав да се сечам и бодам.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Додека ги бодев Нимфите тие убавици на Зевсовите води и шуми во телото на млечниот сок ја сликав маченичката мапа на сивите царства: освојувањето, немирот, јадот...
„Чекајќи го ангелот“ од Милчо Мисоски (1991)
Еби го со колот в грклан, И за побратимот Пеце, Убиваше, сега умира и моча под себе, Убавина, ова е убавина, Му го фатив јазикот, помогнете ми да му го извлечам од уста, - но дел од оние што не можеле да се допрат до глекавиот куп месо и крвиште јуреле кон белецот и го заплиснале со секири и го боделе со колови, и тој белец, со богата грива но веќе со неколку црвени риги преку кожата, 'рзнувал и се пропнувал пред безмилоста сѐ додека не ги оставил уздите на жилавата гранка, да ѝ се извлече крвав на одмаздата и да ги остави луѓето со запенети муцки, и тие со една и само своја реченица: Имавме секири, ножеви, колови, сега имаме пушка и јатаган и уште двајца мртовци, Коњот не требеше, животинка е, И коњите не им се поарни, носам јас на грбов стари удари на копита, А мене денес копито ме поткачи по коленово, Можело и погоре, имаш пет деца, Молкни, секирава моја уште е жедна.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Секогаш истата болка... Ме боде под газот...
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
Отец Симеон ја бодеше земјата со тврдите коленици и чекаше некој нешто да каже; смоларите молчеа.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
16. ЕМ ШУТО, ЕМ ПА БОДЕ - не е зборот за јагнето, ни троа, ами за оној човек што си е роден како човек, но не го признава тоа...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Повеќе