брава (ж.)
Одвнатре штракна клуч во бравата и вратата се отвори.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Можеби ќе го најде за миг во катедралната црква Света Софија, по речиси три децении од првото доаѓање на бреговите на Езерото, ќе трага по клучот на бравата на слободата, ќе ја најде отворена вратата на катедралната црква Света Софија, во храмот таа ноќ престорен во поетски храм на добрината и толерантноста на поворката избрани поети од светот на Езерото, татковина на животот.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Зад вратата беше сигурно и врската со Мајкините клучеви од бравите на враќањето.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Ништо не беше допир за таа заспаност, дури ни несигурното чкртање во грлото на една брава, над која се грчеа две сенки сијамски залепени и пошироки отколку високи.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Луман сега заведе вергија: месечно, рече, секоја куќа од вашето село ќе ми дава по лира, наесен на секои сто брави, овци и кози сакам по пет за мене и десет ока сирење, а за пролет секоја куќа нека ми чува по руно волна, тие што имаат по дваесет овци повеќе – по пет.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Бравата на вратата од мансардара се растопи. Вратата се отвори.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Чекаше цела вечност пред да слушне шлапкање од влечки во ходникот и вртење на клучот во бравата.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)
Нам ни остана само клучот од куќата, во врската со другите клучеви од напуштените куќи, при преселбите, со пустата надеж оти ќе се вратиме во нив пред да ’рѓоса бравата на заборавот.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Се разбира, клучот двапати го завртев во бравата подготвен да ги издржам нејзините врескотници, пискотници, молби и преколнувања.
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)
Го отклучи катинарот, потоа со друг клуч бравата и го крена капакот од ковчегот.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Таа остана во последната куќа на нашето семејство во егзил, со сега запустената врска со клучеви, од напуштените куќи крај морето и крај Езерото, но сѐ уште со пустата надеж дека некој, сепак, ќе им ги најде вистинските брави.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Моливот ми стануваше клуч, а белата хартија брава.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
За секој клуч постои некаква брава, но секоја брава си има своја историја...
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
На челниот дел од куќата, под стреата: срце, прстен, токосани раце, ангелче, венче, и во нив: почетните букви од името и презимето на домаќинот и годината на градењето; балкони: украсени со елементи од железо или ламарина во форма на триаголник, четириаголник, ромб, ромбоид, круг, трапез или со гипсени елементи во вид на амфори, во вид на подлактени раце или сосем едноставни со парапети кои завршуваат со коритца за цвеќиња; чардаци: долги колку што е долга и куќата, со пармаци, со плотици од костен, од даб, од јасика; на чардаците испуштени башлаци над кои висат мали куличиња низ кои може незабележено да се ѕирне во дворот, на патот, или во време на војни и арамилак, да се протне цевка од пушка и да се направи пусија; покриви: со рамни или со стрмни стреи, со испуштени чакми и кучиња, со поткренати маи како крилја од птица, со издолжени предни страни како козирка од капи, или прекинати со предниот ѕид што се крева нагоре за да го затскрие покривот; вратите: со една, со две поли, обични или со нутифедер, со украсни бордури на секоја пола, со надвратни прозорчиња застаклени или опшиени со мрежа за заштита од секакво гадурии; на вратите жапка или шуличе што се отвора со стап кој постојано е врзан на вратата, ѕвонец што ќе чукне потивко или посилно, резе со катинар или брава донесена којзнае од каде; прозорците: широки, европски, или пак тесни со по неколку крила доближени едно до друго за што подобро да ги осветлат просториите; оние што се на долниот кат и низ кои може да се ѕирне, заштитени се со железни прачки извиткани во разни форми; кај што нема железни пречки - дрвени капаци испукани од сонце и дожд, но кои ноќно време убаво ја затвораат куќата како дланки склопени на очи или како мравкини дупки.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Бравата беше иста, завртев двапати. Ја отворив вратата и влегов.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
И врати секогаш затворени. Врати без клучеви и брави.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Нѐ бакнаа, и нѐ потсетија да ја заклучиме вратата и да го извадиме клучот од бравата.
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)
Потопена прво во чоколадно млеко, па во етерични масла, па измасирана со крема која ја враќа младоста во кожата однадвор, за кога тој ќе чукне на врата двапати кратко и еднаш долго и ќе го стави клучот во брава, а рајберот таму кај што треба, ти, демек, да процветаш.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Сменета е бравата. Сѐ е сменето. Гледаш.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Беше сигурно оти во метафизичката стратегија на Мајка еден од клучевите ќе ја открие историјата на бравата на нашето отворање на првата врата во животот во егзил, а додека спасувањето на татковите книги ќе ја продолжи семејната историја.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)