велигденски прид.

велигденски (прид.)

Сликата – една од водечките и најценети достоинства на современата македонска поезија е облик низ кој мислата се мачи да го скамени невидоизменето нашето некогашно време; впечатлива слика на разделбата со оние што одеа на туѓина, сликата на велигденското оро, сликата на жетвата се составки на духовниот пејсаж на македонската географија и обраќањето кон неа не значи враќање кон нејзиното време туку протест кон духовната унификација што произлегува од нашата инертност.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
На една од своите трпези, со десетици имиња на монаси издлабени врз трпезата, во зографскиот манастир на Света Гора, седат монасите, дрвена паница велигденска чорба и бокалче црно вино пред секого и откако ќе ги испеат сите молитви и удри камбаната за да ги здружи морето и ѕвездите на прозорецот болснува секавица колку за миг да се види сенката Исусова додека воскреснува.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Како мал го носеше татко му кркач на манастирски празник, кога во дворот меѓу црквата и конакот беа поставени сергии со барчиња како свирчиња, зашеќерени јаболчиња на стапчиња, прапорци за угичи и порти и прапорчиња за сугариња и капиџици, картонски маски за очите со ластиче преку ушите до тилот, медени колачиња тврди како пилешки срца, до колобајчиња во различни бои, а и шарени како градски велигденски јајца.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Брго-брго мајката го клала ѓумчето со ракија до огнот да се стопли, а Неда го донесла големиот стол, та го клала да седи Силјана; му ги собула опинците и му ги измила нозете и го променила со велигденската руба.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Пишувајќи за животот на Делчев, писателот користи и повеќе познати анегдоти и духовити досетки низ кои се открива итроштината и неустрашливоста: излегувањето од опколениот град како мртовец, влегувањето во Солун кога е преправен во селанец чија кошница е полна со велигденски јајца, па како главен инженер за изградба на патишта, чуден трговец, или пак сцената кога седи и пие кафе со главниот скопски дервиш.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Помина ручекот велигденски, се најадоа мажите, се напија, дојдоа пак жените да ги земаат тепсиите и се надуја гајдите на сретсело.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Во отсуство на чичко Томе, кој уште во рани зори заминал за варница, да ја ѕида на суво со сур камен и суво грло, за леб и раат на челадијата и душата, мајка му го избаци по сите страни држејќи му го лицето меѓу дланките како велигденско јајце, и долго му мавташе со марамата од главата, небаре го испраќа чедото на далечен пат во непозната земја.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Сета сум ко јајце црвено, ко цвеќе велигденско.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Велигденските празници минале без никакви потреси, а градот го продолжил својот нормален живот.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Ѝ се лутеше на баба ни, кога таа одеше во црква. Ни ги фрлаше велигденските јајца.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Селанецот место да застане, ја тргна белата крпа, со која беше покриена кошницата и внатре се покажаа црвени велигденски јајца.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Другата е искитена и подредна со поинакви и попривлечни работи што при прво влегување збунуваат и занесуваат: ѕидовите, масичките, прозорците и ќошињата се искитени со сликички од секаква големина и изработка: чоколади, од весници и списанија, божиќни и велигденски ангелчиња и светци промешани заедно со татко му на Колчо кога бил војник, со брат му на Танаса, со мајка му на Васе кога била невеста, со татко му на Колета кога го закопувале и, најпосле, со дедо ми - кога на некоја веселба во рацете стиска кренато буре.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Потоа стана, наготви колку за неа со децата, се накрка слатко и благо и се промени „велигденски".
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Никогаш, дури ни на взаемните велигденски и бајрамски посети не ја споменувале војната, време во кое тие се запознале, по секавичната жестока омраза да станат пријатели.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
35. ПОАРНО СО УМЕН ПЛАЧИ, СО УЛАВ НЕ СМЕЈ СЕ - но јајцата велигденско шарени, божикно се исти - кое пиле ќе изведе, а кое ќе е смутка?!
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Во нив растат црвенокапи печурки, и не се тоа, човешки домови се, села, куп шарени велигденски јајца.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Просторот пости голем Велигденски Пост или Воскресение: враќање меѓу мртвите - метаморфоза.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Кому и зошто му било нужно да ги светнува оние стари чевли, крпени со разнобојни парчиња, за да побуди во мене илузија дека ми се даваат како нов велигденски подарок.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Чевлите ќе ми втасаа токму за велигденскиот распуст, а јас веќе бев канет да гостувам тогаш кај Миќо на село.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Илко ѝ рече на Митра да ѝ го отвори ковчегот од Стојанка и да ја промени од убаво поубаво. — Велигденцко, што се вели, велигденцко. Слушаш, невесто Митро?
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Повеќе