величествен (прид.)
Величествените последни секунди во кои сѐ ќе биде возможно.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Остана надвор од кипежот под неговите величествени сводови.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Се среќаваш во делови или во полна реконструкција со Вавилонската Кула, која дејствува помпезно и величествено и ве пренесува назад, во далечната историја.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Дали во него се пренесуваше неговиот неостварен сон да излезе од маѓепсаниот круг на балканскиот егзил или имаше нешто друго, величествено во неговиот страдален живот, преполно со заминувања, со неизвесности.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Нивното движење беше нивни живот без страв од бегови и од чуми, и затоа уште позагатлив во својата величественост. На патот се исушив.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Се разбира дека младите беа на војна во редовите на силниот султан Сулејман Величествен – Законодавец, кој целиот свој живот го посвети на освојување земји на сите три континенти.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Од начинот на одот со крената глава, како освојувачи на светот, па сѐ до величественото држење на ставот, нивната непопустливост...
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Претседателот со десната рака ми честита, со левата ме прегрнува, ме бацува и потоа, сѐ уште држејќи ми ја раката, се истргнува да можат присутните да видат колку величествено изгледам со почесниот забрадок во боите на државното знаме околу главата.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
- Во колипката, Мајката го осознава последниот таен чин на бесконечната обнова на величествената прокоба на змискиот праотец, звездениот двигател, кој низ постојана жртва ги совладува демоните на минливоста.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
- И слепо и чкулаво подава рака по змиско јаболко, се лутел Симон Наконтик како осамен светец на семожни гревови позамрсени и од волчи црева, всушност повеќе исплашен отколку величествен набожник зашто го потресол крик на див петел од лесковата шума на селото, предупредување на смртта што брза кон такви каков што бил тој, за кого женското милување претскажувало почеток на пропаѓањето на светот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Царот Јуан не се ни помрдна. Го гледаше Големиот Ѕид како исчезнува во оддалечените, замаглени ридови; таа величествена змија од камен што се извива долж целата земја, тој моќен ѕид што од дамнешни времиња ги штити од непријателските орди и им го осигурува мирот за неброени години.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Од една страна, тој период наивно се глорифицира и митологизира, додека од друга страна со бирократска педантерија се набројуваат злоупотребите, компромисите и неуспесите од тоа време со цел да нѐ потсетат дека таа величествена заблуда не смее да се повтори.
„МАРГИНА бр. 36“
(1997)
- А ако не е тој? го прашуваше неуверливо и расеано општинскиот писар; голема паларија на тркалестата глава величествено го разубавуваше.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Во оваа величествена поема на Вињи, вистинска химна на борбата за живот и неумоливата смрт, Бургиба како да сакаше да ја покаже својата трагична величина.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Косата ми се поткрева од величественоста на глетката.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Се тркалаше низ еден огромен ходник, цел километар широк, исполнет со величествена жолта светлина, гласно смеејќи се и извикувајќи признанија на сиот глас.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Ќе речете: Величествена гозба: Вдахновението Совршенството Смртта и Ти: Принесениот На Трпезата. зборовите Пеат и молитват Во мојот храм Зборовите што ги Оживувам. тоа што ќе пропее Тоа што ќе пропее И тоа што ќе полуди Тоа ќе да е мојот глас Тоа е ќе да сум јас? засек Остер нож. Убод. Рана.
„Вечната бесконечната“
од Михаил Ренџов
(1996)
А тогаш, во својата величествена убавина и сила, од маслиновата шумичка истрча белиот коњ.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Неговата величествена воздржаност, исправениот машки стас, и бојата на гласот, те сепнува на момент, мислиш машки ’ржи како лав.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Навистина, си изгледам буденброковски во сивото, сомотско куќно палто на татко ми, готов да го отпочнам разоткривањето на возбудливите моменти од семејната хроника, поткрепени со пожолтените фотографии, преполнети полици на библиотеката, заладеното вино во посребрените чаши: Убиството на прадедото Хаџи-Васков, прикажано во вечерашнава верзија со посебен нагласок на величествениот предсмртен гест кон атентаторот, - „Нека ти е простум, синко, ни самиот не знаеш што правиш“, ја тера Ева III, да ме стисне за рацете, а штом минувам на единствената љубовна приказна за Ѓорѓи, непокорниот син на Прокопија и српската учителка, мојата ноќна посетителка, сѐ уште цврсто држејќи ме за рацете, клекнува пред фотелјата и оддолу, ги впива секој збор во ширум отворените очи.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)