волнен прид.

волнен (прид.)

Дури и не сетила дека од столчето се свлекло волненото перниче за кое своерачно јас ја плетев навлаката. Е, не можев да се воздржам“.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Таа плетеше некои куси волнени чорапи на пет игли со преметнат конец преку вратот.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Нѐ седна на широки миндери послани со дебели волнени црвени веленца.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Време е и на малите деца да им се покаже дека рицарот се мери по оптегнатата стрела и по секавичното слекување на волнени оклопи.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
На себе носеше стар волнен џамадан и бели искинати бечви, опточени со гајтани.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Ножот со седефена дршка го зеде за една волнена фанела таму, на тулаана; дојде да работи пред да го продолжи својот живот по онаа врвица на која сврши последниот чекор на татко му.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Зетот Богдан ја поткренал ногата повисоко од невестата, со цврст отсек, му се гледаат белите волнени чораби под ногавиците на бечвите порабени со гајтан; при замавот, дуплите ракави на џамаданот му се поткренале нагоре како крилја од птица; под фесот зафрлен кон тилот му стрчи парче коса како празови лисја влажна од пот; погледот му е свртен кон невестата која ја следи во играта.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
А ние ќе ти исткаеме нова кошула и ќе ти сплетеме волнени чорапи.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И така одам јас дома и си мислам како ќе ме прегрнат татко, сестрите и братот, како радосно ќе се гушнеме, како татко ќе ме седне на колено, ќе ми погали глава, ќе ме стопли во својата прегратка, а сестрите ќе ми донесат топла манџа и многу леб, како братот ќе ги собуе своите топли волнени чорапи и ќе ми ги обуе, како сите ќе седнеме покрај распаленото огниште... а потоа како наситен и стоплен ќе заспијам во скутот на татко и утрото ќе се разбудам под топлото веленце, ќе се напијам топло овчо млеко...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Ги најде и волнените чорапи што му ги беше сплела баба му додека уште ѝ се догледуваа плетачките игли меѓу здрвените прсти.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Зеде од него две лири да ѝ купи чевли и волнена шамија; го излага ќатипот за Дунава, сестра ѝ, му зеде лира за бакшиш.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Блазе им, не чувствуваат ништо, лесно им е, боси, голи... зашто цокулите, па дури и искинати, фанелите волнени и шинелите излитени, изедени од молци и издупчени од куршуми им ги соблекоа и им ги зедоа живите...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Отиде, носејќи едно огромно бреме волнени шалови и една раздразнетост.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Таа, нервозно гледајќи низ ходникот, забрзано ги менуваше волнените со чорапи со подвезици (надвор беше кочан ладно), го подмести кожниот корсет вешто скриен под облеката, ја натна маската и конечно влезе.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Не треба ништо да носиш, освен подебел џемпер, гојзерици или цокули и волнени чорапи, тие патики ќе ти се распарталат на камењата и скрките.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Ги отфрли од себе дебелите волнени черги, се наведна над огништето, го распрета од синоќа запретаниот жар, фрли врз него пет, шест суварки, раздува малку и го остави огништето да чади.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Никола ги прибира полите од дебелата волнена наметка, се спушта крај искршеното и издупчено широко канабе претрупано со разни книги. Гласно пребира по книгите.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Дебелите чорапи преку ноќ се прогласени за теткински, а волнените појаси за смешни. Чизмите и антифризот се на попуст.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Носеше волнена, синкава кошула, запетлана напред со бисерно-сива и претерано нагласена врвка, со неуништлива кафеава облека од патка, со неизбежно високи чизми со мексикански мамузи и мексиканско сламено сомбреро.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Беше толку изнервиран што ја слече топлата волнена блуза, ја фрли, и гол, само во маица, стоеше на сред студената соба и викаше со висок глас, речиси фалсет. Беше ужасно!
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Повеќе