волчи прид.
волк м.

волчи (прид.)

Млекото на козите во тие тешки волчји времиња стануваше еликсир на солидарноста, а и формулата на неговиот состав не можеа да ја утврдат никакви партиски документи и планови за изградба на новиот човек.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Од ова волчо дувло и Господ поодамна ги кренал рацете.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Острите волчи заби се забиле во неговата бутина.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
На птиците им се придружија со засипнато лаење пци скитници и дресирани трагачи со волчо потекло.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Дури и го почувствувал мирисот на оние треви со чиј мелем се ублажувале изгореници на кожата со име волчо срце или така некако, волчи јазик, волчи трн, облипиха во јазикот на руските трговци и војувачи.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Неговите подвизи беа чудните жени во неговиот живот, чудната смеа на неговите волчи заби, чудната крв под неговата темна кожа.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Волчи лик: две смрзнати црвени зеници косо спуштени кон широкиот корен на носот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Од зад малото долче, излокано од дождови, до нејзините ноздри допре остар мирис и таа разбра - беше близу до волчата јама, во која четирите малечки ја чекаа волчицата да се врати и да ги надои.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Песот адамосано се влечел по нејзината сенка - на запад се протегала белина; малку време пред тоа таквите заоди ветувале јасник и волчи завивања.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Убави се додека се меки. Но кога ќе се стврднат, само волчи вилици се за нив.
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Кога се подисправаше можеше добро да ги здогледа и првите модрикави гаснења на квечерините, чиишто волчешки приближени копринки напросто како да ги исткајуваа во своето мрешкање оние издолжени прилики со шилести муцки и со прекршени опашки.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Во тој ист вторник, иако очајот и плачењето не стивнувале, жените, дури и оние самохрани леунки и трудни вдовици наполниле неколку карти со ракија од диви круши, од грозје и од цреши и натовариле на две магариња дисаги со леб и лук, па една по друга, секоја со запалена борина во рака, пошле да ги пречекаат последните од дружината; да ја плашат со оган и писок чумата или улерата, болештина што им била позната на дедовците, еднаш, којзнае кога, додека и пците бегале од злото и се јазеле по врели карпи далеку од сите човечки патила, и побеснувале, и станувале гозба на волчи свадби или се здружувале во глутница со ревење да ги заплашуваат чобаните и бачовите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сигурно и дедо Иван го следел волчешкото завивање, сигурно стрепи за осаменото момче во Гогов Валог, па немајќи можност на друг начин да му помогне, се огласува и ги застрашува волците со пукање.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Мора сето ова да го скроиле тие за да се осветат, бидејќи не се здружив со нив, со нивниот волчи апетит!
„Духот на слободата“ од Војдан Чернодрински (1909)
Тоа траеше доста кусо, колку четири здива, или колку четири волчи соништа, а после, наеднаш, оној маѓепсничар пак ја покрена својата волшебна прачка и дивинките го разбија својот застојан синџир и сега зедоа да ги душкаат сите негови стапалки по снегот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ако појдеш до комесарот на другите, тој ја развлекува волчјата челуст, сака да апе - Од пет ока јаболка не ќе се сотреш. Има манастирот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
По одмаздата од која настрада синот на инспекторот, по тој настан од кој крвта ми стана волча а лицето темно, сината маштеа ѝ забрани на Ана да разговара со мене и да ми носи книги но не бев сигурен дека на Ана не ѝ е тешко нашето оттуѓување.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Но кутрата не знае какви опасности ја демнат во планината, каков волчји поредок владее таму.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
А оттаму повремено злослутно ќе се извишеше волчешко завивање и долго се простираше низ снежната ноќ.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Така и со појавата на срната, иако таа го разнежи, иако почувствува задоволство дека може да ѝ помогне, сепак изостана онаа вистинска, пенлива детска радост, што би се случило кога би бил и дедо му крај него, кога снегот не би паѓал толку застрашувачки и кога не би постоел тој скриен, тој леден страв што го остави ненадејното волчешко завивање.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Повеќе