гнев (м.)

Му закажав војна на инаетот од инает сакав да го згазам и закажав војна на омразата зошто и неа ужасно ја мразам Му закажав војна на гневот го прогонував и кон него се гневев му закажав војна и на гревот за малку и него ќе го средев Му закажав војна на стравот и сакав од страв да го стресам му закажав војна на егото и него да го обесчестам Му закажав војна на лукавиот и лукаво сакав да го сотрам ѕверот се разбуди во мене да го уништам и него ќе морам Си закажав војна со себе безпоштедна со премногу мртви си закажав војна без крај војна со страдања и жртви
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Неговиот гнев ја преполни чашата, а јас пијана и како без душа ја завршив ноќта во чувство на несреќно и грдо пајче.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Локвата крв на белата постелнина беше сведок за дивјачката бруталност на Ѓорѓе кој на овој начин го изразуваше својот гнев.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Над нас мракот беше испресечен со зелени пукнатини, под нас земјата се грчеше од гнев.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ја кажуваа оваа приказна без солзи, без гнев, со рамнодушност каква што само уште има кај монахињи и монаси по манастирите.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Фалејќи нѐ и благонаклоно повторувајќи го името наше, ти им го пикна во окото на нашите непријатели како спица, која сега ги боцка и ги јаде, па пред себе гледаат само крв, а во срцата свои носат само гнев кон нас...
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Тоа беше потег со цел, сосема прагматско движење; тоа е она што ги инхибира младите мажи при средбата со искусни жени; кај мене, таа инхибиција се засили и со оној добро познат наивен младешки гнев кој доаѓа од агонистичката, речиси спортска свест дека не си прв; тоа многу потсетува на наивното убедување на младите уметници дека се оригинални, дека се први и дека ќе напишат нешто сосема непознато и неочекувано, заблуда од која потем тешко се ослободуваат и страдаат.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Пред мене, кај шолјичката со црн талог и со отпушоци слични на мали надгробни споменици во котлина од која нема излез, лежи хартија на која сум запишал меѓу другото: Темната возбуда, носи неспокој, нѐ фрла во тивок очај или некорисен гнев ...
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ме обзеде жал, гнев и јарост, но со ништо не можев да помогнам и требаше да го испијам отровот до дното од чашата.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Не беше шака, исклани беа царски луѓе, стопаните на Имотот, и никој не можеше да претпостави, при недостиг на вистински виновник, врз кого од нив ќе се истури гневот на султанот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Гневот што му се беше стркалал до забите сети како го голтнува.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Човекот, самотен и намачен, го има и му останува само ова слободно право да го излие гневот со безумство на кртица и трпеливоста на влажниот црв.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Не смеам да дозволам да ме води бес и лутина, ги сублимирам негативните чувства но, ќе го унифицирам гневот, тешко е, но ќе издржам.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Нема гнев, нема омраза сѐ е ирелевантна точност или релативна вистина,по ваш избор.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
По неговото заминување, нејзе повторно ѝ се поврати главоболката, нервозата, несоницата и одново полнејќи се со јад и гнев, фрлаше искри од очите, крикаше како птица грабливка, се загалцнуваше на пола збор од лутина и сѐ повеќе го повраќаше поранешниот изглед и држење облекувајќи се во панталоните и чизмите, во елечето од кучешка кожа и плускајќи со камшикот и сѐ повеќе стануваше несреќна и зла.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Не се бранев. Гневот на мравките не поднесува отпор.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Во името на Господа Бога, наречен Бог Израилев, си насобра злато како бакар и го умножи среброто како олово; но потоа телото твое на жени го даде, со телото твое роб нивни стана; врз славата твоја дамка стави, го оскверни родот свој: навлече гнев на породот свој.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Во детето како што се гледа од гестовите а и од интонацијата на зборовите има премногу гнев кон сѐ околу него, а самиот како да не е свесен поради што.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Индигнација, лутина и гнев скриени во сечилото преточени во охрабрувачки занес, злобна алузија за да го казнам просторот и времето околу себе, а претворам во ужас дел од сопствениот хабитус и свесно правам деперсонализација, обезличување на душата.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Стишен и растреперен од гнев и слабост, со уште непритивнато негодување, но привидно скротен, се качува горе и дувалото започнува да работи.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Повеќе