господов прид.
господ м.

господов (прид.)

И во следниот миг видов млаз кон мрежата; миг потем видов светлина, страотен блесок, десет илјади пати посилен од Сонцето, како очите Господови; таква светлина никогаш во животот немав видено, господине судија; светлина еднаква во сите свои делови, виолетова, облак од светлина што не е во едно време убав а во друго неубав, ниту за едни е убав а за други – не; таа светлина траеше само еден миг, кој ми се виде цела вечност, и јас знаев дека и Јан Лудвик ја гледа таа светлина од прапочетокот, и како бев вон себе, исплашена, во шок, јас бев среќна што Јан ја виде таа светлина, уште еднаш.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И да не се молиме само овдека во светиов храм, вели, и не оставајте ги молитвите само за овие ѕидови од кај што нѐ гледа синот господов и неговите апостоли.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Со господова помош ќе ви ги изделкаме камењата за неколку дни, три или четири.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ги шири рацете, како крстот господов и не може да си ги собере.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Некој од вас може дури и да рече: Слуга Господов а не слушнал за вампири, не слушнал за убавицата луда Мара, што пред две години во Зреновскиот вир скокна и повеќе не се врати.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Господ има речено црквата да има камбана, крст и знаме за господови и народни денови и времиња.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
- Ја нема мајка Петра - саде таа имала Господова дарба да пронајде жарче во пепелта запретано и од него огон да разгори.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Перса веруваше во Господовите чуда и тајни и знаеше дека не треба да се растајнува сето тоа.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Умееше да пее старински црковни песни и личеше на преоблечен патрик дојденец, по лик не господов слуга туку манастирски господ.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Партијците уста не отвараа, ниту се спротивставуваа, ниту одобруваа. Седеа по канцелариите замолчени и исплашени од мечот Господов што веќе висеше во воздухот.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Кога се качи горе на проповедалницата, тој се потпре со рацете на пармаците, се заниша, како да се токми в небо да се фрли и извика: „Народе! Луѓе, жени и деца и сѐ што е господово. И кој ме слуша и кој не ме слуша...“
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Но помеѓу ноќното ловење на полуголиот господов слуга и настанот што долу, во селото, тој некако им го раскажал на ловците од Кукулино и на неколцината ранобудни лесновци, лежеле во просторот на времето полни тринаесет години.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ги запреа коњите разгледувајќи го одблизу манастирот, восхитени од неговата убавина, кој извишен на карпата над езерото и опкружен со зеленило, се чинеше како да лебди над водата во дланки господови; езерото под него поигрува, одблеснува на сонцето и полека ја заплуснува карпата; лево од манастирот под падината на планината, клокотат огромни извори и исфрлаат изобилство вода која плавно, широко се разлева правејќи езерце што го обградува пошуменото островце пред да го пресече патот под мостот и да влезе во езерото со бучеж; на дното од мирната вода во езерото се прелеваат разнобојни алги фаќајќи ја светлината од сонцето што низ бистрата вода продира до нив; на островцето столетните дрвја ги раскририле гранките спуштени до самата вода во која фрлаат зелени отсјаји; по водата пливаат патки и лебеди, кои вознемирени од тропотот на коњите, се оддалечуваат повнатре во езерото оставајќи долги, меки бразди зад себе; на ледината крај изворите пладнуваат купчиња овци како бели, отворени цветови.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Тој ја има само голата господова душа, а господ ете, - им ја предава ними.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сѐ што е господово е од убаво, поубаво, велиме, кај сме виделе ние поубаво?
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На шестото новороденче во таа година црните подбивачи сакаа да му дадат име Сирак, но попот го запиша во црковната книга како Никита Марко Проказник, на задоволството на Јага Перуника, им се тргаше од пат на разубавените селанки и со стара ракија во бокалче пред себе му раскажуваше на најстариот, на Богдан Јанков со козји уши и со господови тајни во себе, за природата, за Чарли Краков, за гасениците.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
4. Господова рожба беше сето тоа: и преселбите и шумскиот од и псалмот што ѕунеше од мислата и омјазот на ангелот.
„Чекајќи го ангелот“ од Милчо Мисоски (1991)
- Врати го господовиов човек, рекле; не молеле и не се заканувале.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Крај езерото каде што просторот е тесен, куќите се стиснале, се надјавнале една над друга, се туркале меѓу себе која подобро место да заземе, која понапред да излезе за да има што подобар поглед на езерото; другите се распрснале по околните места како солзи господови.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
„Дојдов. Од тие тефтери треба да се избрише господовата вересија.“
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Повеќе