граби св. и несв.

граби (св. и несв.)

Не знаеме ли ние оти сето време до кога ќе се продолжува борбата со четите, турскиот аскер ќе граби, ќе силува и ќе му прави секакви други пакости на населението?
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Во Потковицата сѐ уште се немаше случено, но за слични злодела денизден пристигаа вести од околните села: Турците грабеа моми и невести и ги носеа на чифлизите; таму ги турчеа и се женеа со нив или сѐ до старост ги чуваа во харемите, а кога ќе остареа, огрубени и обесчестени, ги падеа.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Тој скока во ровот и ми граби од лебот.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Но стравот и возбудата кучешки ме гонеше и сѐ повеќе грабев од стапалките на оние што трчаа пред мене.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Владините војници, прескокнувајќи ги оние кои паѓаат, грабат напред.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
На терасата таа лакомо грабеше воздух како риба на суво потпирајќи се со раката на неговото раме.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Така некако... Не е за чудо тие да се да сакаат од овде да ја грабат.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Пламенот беснееше грабејќи лакомо од сувата слама.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Секогаш пред легнување се слекуваше гола пред огледалата и со својата убавина ги возбудуваше: се грабеа огледалата кое побргу да ја фати и што подолго да ја здржи во себе: некои ја фаќаа во профил, некои анфас, некои одзади; таа ја гледаше нивната возбуда и како да сакаше што повеќе да ги излудува: се доближуваше де кај едно, де кај друго, де кај трето, де кај четврто...
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Дури уште поарно ако не ја дава. Ќе му ја грабиме, и со тоа ќе го срамиме!
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Ој ти Хатиџе анумо без фереџе за тебе ќе потрошам едно цело чекмеџе бегалка те грабам кај мене во Цирих ќе водиме љубов на кинески тепих
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Бесно врескаше кога таа ќе престанеше да му става во чинијата, се обидуваше да ѝ го истргне тенџерето и црпалката од рацете, грабеше парчиња од чинијата на сестра си.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
„Сигурно таа не мигнала. Секој миг излегува на порта, да види дали доаѓам...“ - си мислеше Андон за жена си Вита и брзо грабеше напред.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Никој не се ќердосал и не видел аир од грабење!
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Плаќај и граби! — вели стариот девер и веќе фрла под штици пари.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Преку априоризам на хаотичното сетилно спознание и естетската перцепција или аперцепција на целокупната хабитација ја рехабилитирав само-целта на животот и од мноштвото про форми, односи, супстанции, модуси, комуникации за да избегам од загушливоста и монотонијата на секојдневието, избрав имагинарни слики-еквиваленти на стварноста која ја грабев за себе како совршена уметност за себе-вообличување, во несовршените материјални форми што ме опкружуваат и постојат во медиумите (средините) на реалноста.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Сполај му на господа, што ќе беше ова чудо, зборуваа луѓето и грабеа на рибите.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
А полноќ е и сигурно сега и тоа куче ќе стигне дома и за да ја граби...
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
— Благодарам, велам и ја кинам кутијата, се грабам за цигарите. Палам една, а ми иде сите да ги запалам наеднаш.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Додека траеше мерењето и се ставаа белезите на чаирот, папуџијата Јосиф стана старец од сто години, се згрбаве и ја истегна напред шијата како да граби воздух што му недостасува, ама да рече дека оваа работа му прави голем задоволство, или пак дека на овој несреќен ден можел да го доведе само ваков будала како зет му, е мисла само на недугави: татко ѝ на Тодора остана нем до крај, со откорнат јазик, и така ја пречека завршната работа како варен ошав.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Повеќе