завојуван (прид.)
Малечките балкански државички без церемонија ќе ги земат во свои раце сите доходи од завојуваните делови на Македонија, а Македонците ќе се обрнат во просјаци, откако ќе си ги загубат првин своите национални особини.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Меѓутоа, нашите момчиња одбиваа да го прават тоа, одбиваа да земат заклетва и да отидат да се борат на страна на некого кој ја имаше завојувано нивната татковина.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
1. На мојата работна маса цел куп книги и фасцикли со исечоци од списанија и весници, извадоци од архивски документи и од објавени мемоари на политички и воени челници од двете завојувани страни во граѓанската војна во Грција, селектирани белешки од фалбаџиски топорења, измислувања, лаги и кодошења и во одделни коверти белешки од обични, простосрдечни раскажувања на живи учесници и сведоци во кои се сочувани најавтентични доживувања од времето кое како лишај и лош сон е залепено и врежано во нивните и наши спомени.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Генералите на војските кои ја спроведуваа волјата на генералштабовите, владите на завојуваните страни, во Солун, се подготвуваа за големата војна.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Знам дека ваков апел на својата окупирана јавност треба да упатат сите независни интелектуалци на сите завојувани и сѐ уште незавојувани страни, но јас го упатувам во свое име.
„МАРГИНА бр. 36“
(1997)
Забраната на дроги доведува до огромен број убиства и кражби во големите градови затоа што создава црн пазар на кој завојуваните дилери им наметнуваат сѐ поголеми цени на уживателите, кои пак од своја страна крадат за да можат да ги задоволат своите навики.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Во Карпа 4 имаше повеќе кладилници отколку пиљарници. Таму немаше завојувани страни.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
„Господ нека ни е на помош”, помислуваше Лука Карер, не знаејќи каква улога ова јонско копно ќе игра во плановите на завојуваните страни.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Тогаш Потковицата беше завојувана од фашистите. Фашистички војници и полицајци, заедно со нивните палатки имаше насекаде низ Потковицата, дури и на срецело.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Наидувајќи само на безначајни оружени отпори од страна на месното население брзо напредува и во завојуваните краишта веднаш востановуваа своја, турска власт, која, пак во имотно-правна смисла, барем во првото време, ги чуваше крепостите на стариот државноправен систем.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Ги нашле, како кажуваше, Ибраим Ибраим, в зори или подоцна, по една спогодба на завојуваните за кус мир за кое време ќе се соберат мртвите и ранетите; подоцна, по некоја година, еден човек без нога, ќе се потпира на патерици и на слеп човек, катадневно да седат обајцата во чајџилницата на некој Тефик Рамо, човек со задув и срдечен кон секој кој што, дури и првпат, дошол кај него на чај или кафе.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Но имајќи го во вид фактот дека тој починал цела половина век пред да ја завојуваат Турците Потковицата, а и она, со тефтерот Акиноски, дека неа ја поседувале Акиноските уште одамна пред да биде завојувана од страна на Турците, може да се претпостави дека Загориче било основано во првите векови по населувањето на Славјаните во границите на Византија, може во 10. или 11. век, односно многу порано од она што го тврди науката дека пелагонските населби и села настанале во 17. и 18. век, групирајќи се околу турските чифлизи.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)