замеси (св.)
Пиеја зашеќерено варено вино со цимет или со црн пипер што самите го правеа, јадеа домашни пити со праз или со изварка што ги замесила нечија баба, понекогаш некој ќе донесеше и лути домашни свински колбаси, мезеа руска салата од зимниците на нивните мајки и прво дискутираа со саати, за на крајот да завршат со свирка.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
„И мајка ми еднаш ми рече дека не умеам да замесам вкусно кравајче дури ни за себе си.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Другиот ден мајката замеси леб од брашното што го зеде со купони кога бакалницата на капиталистот што живееше до црквата се национализира за да се нахрани гладната работничка класа.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Одвај пркната и заодена, секогаш се врткаше околу мајка Фимка и од неа научи од вечера да зафати леб - во земнено черепче подновуваше квасец, а утредента, во рано утро замесуваше во ношвите.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Отсеав брашно, ги засукав ракавите, го замесив и го покрив со цедилката да кисне. Да нарасте, да стаса.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Сето ова ми го замеси секретарот Фагорис.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Потем го замесуваше другиот дел од брашното, со јајца и со малку путер, без квасец, во форма на мала погача која, по печењето, добиваше жолтеникава боја.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Често и самиот се трудам да сфатам зошто токму таа мора да се повикува на гладот на машките очи, на слабостите од кои е замесена женската ќуд, на заборавноста, на недоразбирањата од кои е сочинет светот.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Шо правите вие двајцата сами беќари: Кој ви замесуа, кој ве приперуа? — и собра сили та заврши: — ами не барате ли некоа сиромашка, да се прожениш, та на татка ти не му дава закон шо не му дава.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Дали немаше еден тагар брашно да замесат пет-шест буленца? — ќе речат еснавките.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Знаеш кој ни го замеси тој горчлив леб? Англичаните!
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Потем ќе го замесеше првиот дел од тестото, ќе го обликуваше во повеќе кори, кои успеваше да ги извие со вешти потези на рацете.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
А терзиите ѝ одговараат: Ти девојче, мало ѓаволче, Ти да ни месиш погача; Без сито брашно да исееш; Без вода да ја замесиш; Без оган да ја испечеш. А девојката одговара: Терзии, браќа терзии, Погача ја ќе ви месам; Низ трепки брашно ќе исеам; Со солзи ќе ја замесам; На гради ќе ја испечам.“
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Девојче, врашко, девојче, Ај, да ни месиш кравајче, Без вода да го замесиш, Без оган да го испечеш И веднаш потоа со својот топол глас одговараше Калешата: Терзии, браќа, терзии, Јас ќе ви месам кравајче, Низ трепки ќе го отсеам, Со солзи ќе го замесам, На гради ќе го испечам...
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Митра замеси цел кутол брашно и заплеска од него четарипет погачи, како воденички камења, и ги остави во ноќвите да киснат.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Пред зори Шпиро се прибра дома, а Бисера без да мигне, дури татко ѝ и брат ѝ предремаа, замеси дветри погачи, залеа вода, ја почисти куќата, ваганите и си отиде дома да наѕре и пак се врати долу да ги пече погачите.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Го зеде ситото и со него иссеа бело брашно, после замеси и испече бела погача.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Таа му кажува дека нема доволно брашно, дека има малку, колку еднаш да замеси за нејзе и нејзиниот син.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)