збуни св.

збуни (св.)

потем се наслутува сѐ почесто во глувиот ноќен јасник како слана (во споредба со неа, снегот е мек и топол, Господине) во забраната да се верува во чувствувањето срам да се признае мечтаењето по неа и скришното вљубување во зазорот и распрашувањето за смислата на животот (најдолгите чудења се загушени од банални спреги) во сѐ поприсните признаци од сонот - таму кајшто живееме однапред, повторно и можеби безгранично, таму кајшто времето не се мери со просторни величини и кајшто, конечно, не се дели иако, да признаеме навиката да живееме раздвоено нѐ збунува сега едно-по-друго се подготвуваме да заспиеме да ја избереме спалната, креветот да постелеме нови чаршафи само за една, за наша употреба купуваме ноќници за истата прилика се тревожиме од наглите отворања на вратата низ којашто проблеснува вселената сѐ до неиздржливата глад по Неа.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Ненадејно засилен удар на ветар ме подгрбави и ми ги затвори очите, ме збуни со своето ревење и со криците на дивите гуски во себе.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Воздухот е елемент кој сите ги збунува.
„Записки“ од Милчо Мисоски (2013)
Старите патници не ги збуни прашањето на германските царинарници дали носат со себе ракија.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Нејзината ненадејна смиреност ја збунуваше полицијата.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Дури многу, многу подоцна кога дозна дека Најдо не му е татко туку очув, нешто во него се побуни и се збуни, но не толку за да го пројави.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Ме збуни дрскоста, а морав да се здржам, морав да покажам дека не ми се тие рамни за да се инаетам со нив.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Сакав дури и да ја погалам по косата, ама толку многу се растреперив, толку почна силно да ми чука срцето, толку се збунив, што го згрешив и текстот од песната што ја вежбавме.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Тоа го збунува новодојдениот, особено ако првпат се пробива со кола низ овој густ шпалир од коли...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Навистина убав, обмислен ред на постапки; сѐ се чини толку природно; мислам дека неа воопшто не би ја збунил заклучокот дека сите овие постапки всушност укажуваат дека таа е домаќинка која отворено ја прикажува својата наклонетост кон уредноста: Ништо не смее да пречи, да недостасува но дури ни да стрчи.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Марката на цигарите малку ме збуни, но дури кога почнав да ги слушам неговите додворувања (ги кажуваше гласно, иако не толку јасно како жената Монолог во авионот), сфатив дека сум утнал.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Страшно ги збунила мојата објективност.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Офицерите како да се збунија.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Потсетуваа на кукли од излозите. Со една мала додавка - беа и живи. Но тоа не ме збунуваше.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Тој не се збуни, ни затрепери кога, по враќањето од море, ја сретна и неа на улица.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Со страв и голема недоверба полека ја поткреваше јамболијата. Го збунуваа високите мартинки крај креветот.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Новиот во играта обично сака да го збуни противникот со тоа што ќе зададе имиња испишани со најситни букви; но искусниот играч избира зборови со големи букви што се протегаат од едниот до другиот крај на картата.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Самосвесната софистикација на современиот интелектуален дискурс стои во јасен контраст спрема Мецгеровите субјективни „зборови“, емоционалните зборови што збунуваат, но коишто се непогрешиво стварни, директна експресија на замешаниот, страсен, лут и заплашен виктимизиран човек.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Но, збунува „навивачката“ штрајкбрехерска одредба, која вели дека работодавачот, односно здружението на работодавачите, може да бара од надлежниот суд да забрани организирање и спроведување на штрајк спротивно од одредбите на закон.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Тоа го збуни, очекуваше да води доверлив разговор со некого од главите на домаќинството.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе