избакне св.

избакне (св.)

Биди ербап сега — не пушчај го", — си зборуваше самата и гореше од желба што побргу да го види Крлета и да го избакне како свое дете.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Рипнале сите просто и на врата в куќи го пречекале, сите плачејќи го избакнале и здраво и живо сториле, а Силјан им бакна на татка си и на мајка си десница и проштење им сака за клетвата што го втаса.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
А кога еднаш мајка ѝ рече дека кој ќе научи писмо ќе може да му пише на тоа момче што го сака, таа се зацрвене до уши, избега од рацете на мајка ѝ која сакаше да ја избакне.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ги прегрнав и силно ги избакнав двете, тие за мене најсакани суштества на светот.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Тој си го избакнал детето во лулката, нежно ја прегрнал саканата, и таа цела ноќ го слушала како ѝ липа врз градите.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Да живее новиот член на нашиот таен револуционерен кружок! - викнаа членовите на тајниот кружок, станаа и го избакнаа.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Аџиите веднаш се наредија во редот на прилепските, битолските и тиквешките бегови и се избакнаа со нив во знак на братство и рамноправност.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Го избакна уште повеќе крштеничето и стана, си киниса, решена по секоја цена да исткае и таа такво „чудо“.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Таа застана на рамото Дедомразово го избакна највистински.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Добре ми дојде! — го поздрави мајка му, и како секоја мајка, го прегрна и силно го избакна по широкото бело лице.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Таа го испрати до портата, ја отвори вратата, го избакна и рече: Ајде, синко, нека ти е среќно!
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Кога се врати од војска, по три години, не поседе в град ни три недели, туку еднаш, во делник, сред лето, во време жетва, неочекуван од никого достаса во Потковицата; првин бил дома си, се видел и се избакнал со деда си Блажета, потоа собрал фотографии од сите домашни, и - се огласи од Молитвена Вода.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Кога мислат дека е нивниот ден, а всушност е само најнервозниот во животот во кој ќе се избакнат по 7 пати со истите луѓе - кога ќе дојдат, кога ќе речат „ДА“, па уште еднаш кога ќе речат „ДА“ во црквата, па кога ќе се фотографираат, па кога ќе им го предаваат пликот, а тие под прстите, од дебелината веќе знаат колку им се блиски или далечни, па кога ќе се разигра невестата и кога тие истите, од многу мерак дека ептен добро играла, ќе ја зашлапаат по трипати по образите и по шминката која дебело си ја платила... сѐ до бакнувањето заради тортата и бонбончињата!
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
И кога овие се приближија, стариот бег просолзи, и се избакна со сите тројца и им подари по две железа за кревети.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Зборовите од Адема му ја затресоа целата снага и веќе се гледаше невеста крај убавото Толе Кулиќево. Не можеше да го дочека ѓезвето да зоврие за да му го однесе кафето на Адема. Му ги избакна рацете и му благодари за големиот подарок кој утринава ѝ го вети.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Слатката моја мајчица, колку пати ја избакнав пред да се решам да ја ставам на ѕидот.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
На разделба и родителите и децата го избакнаа мачорот и си отидоа.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
И Крле стана и напиша писмо. Неда го прочита десетина пати, го измилува, го избакна, особено потписот и го кладе во малото ковчеже каде што стоеше исушена првата китка.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
„Супер“ си поминав со дедо на Пелистер! тие двајцата ме прегрнаа и се избакнавме.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Што стана? – со треперлив глас го праша кадијата Јунуса не отпоздравувајќи го и не слушајќи ги поздравите од Рифата и забитот, што влегоа по него. – Готови се кади ефенди, готови! – Готови? – радосно викна кадијата и се стрча кон Јунуса, го прегрна, го избакна и почна да го тапка по плеќи: – Бравос, бре синко Јунусе, бравос!
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Повеќе