исмее св.

исмее (св.)

Го пронајде вистинскиот начин да умре исмејувајќи ја правдата.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Се разбира, алкохолот е корисен сѐ до оној моменат додека не се напраиш стока и не почнеш да ја замараш околината па да зборат за тебе „Види го овој се напраил труп” и таков флекосан на рамења да те носат до дома со што ќе бидеш предмет на исмејавање.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Сонцето качено на огнена колесница што ја влече зелена раскрилена птица го исмејува на заровите блескотот А тие од лутина трескотат трескотат по синорите на таблата. Ликува со трескотот раката на маестрото. *
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
И тие што се од последните, не се да го чуваат и да го подигаат значењето на Бугарија, а да го намалуваат и да го исмејуваат, и себеси и својата држава.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Иако не може точно да види, нејзе ѝ се причинува дека од спротива, недалеку од пумпата во дворот, од тремот на сниската куќарка, грдиот Радуле и неговата држанка Стојна како да ја исмејуваат.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Од каде ќе се најдат средства за нови учебници, кој ќе ги подготвува, од чии средства ќе се издржуваат училиштата со македонски јазик? – Очигледно, штом комитетите и македонската интелигенција во Бугарија ќе почнат да му се противат на новото течење, или, ако не му се противат, просто не го поддржуваат, јасно е оти од него нема да остане ништо: фантазиите на неколцина Македонци ќе бидат исмеани и повеќе ништо.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
- Се случува значи извештајот да го предадеш а дома сепак да се вратиш трезвен, ни лук јал ни на лук мирисал - погано го исмејував заебаниот пријател Господ откако му нарачав двоен вињак.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Всушност тој глас на проклетото суштество или шпионче, кое дебне од длабоката скривница изградена во мојата утроба (во секој случај таа скривница се наоѓа таму негде, добро камуфлирана и непристапна поради недоодната мрежа од коридори) најбезобѕирно ме исмејуваше.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Ајде, да бидам малку и пристрасна; можеби е глупаво ова што ќе го речам: можеа и да го исмејуваат тој Голем Тодор, можеа и да му измислуваат какви било прекари, ама Голем Тодор беше навистина поголем од приказните што се предеа за него.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Сепак знаев дека не ме исмејува.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Низ целата оваа фраза, отменоста и простотијата наизменично се сугерирани, потенцирајќи се меѓусебно низ спротивност, исмејувајќи се со сарказам и простотија, и таа двократна димензија се однесува на амбивалентната перспектива на спиралната оптика на филмот.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Девојките дури верувале дека во ваквите нивни постапки секогаш е присутна добрата намера, бидејќи токму исмејувањето најбрзо им ја враќа разумноста на лековерните..
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
„А на која среќа си се качил? Каде те носи?“ го исмевјував јас.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Така правевме неколкупати, од младешки бес (ја исмејувавме сиромаштијата!), а луѓето зјапаа во нас; еднаш зјапаа и некои девојчиња и се кикотеа, и јас се сеќавам дека поради штосот со чевлите тие се забавуваа цела ноќ со нас, а ние ги потрошивме и последните пари; решивме да ги одведеме во кино, но таму не нѐ пуштија со по еден чевел; Земанек се расправаше, и потем ги продадовме картите и отидовме во кафеана.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Се разбира дека ја исмејав.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Кажи ми, што се случува со неа кога ќе ја исмеат, продолжував да трагам по одговорот злоупотребувајќи ги не само зборовите туку и мислите на Јана.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
И си реков: зошто не го удрив оној ден со бокс по муцката Фисот, кога ме исмејуваше читајќи мои стихови?
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Поминувајќи покрај него, Мече го погледна ѓаволесто и замавна како да ќе го удри со лакт во слабини, а кога тој уплашено се изви на страна, Мече се исмеа слатко и потрча по Белича, кој што беше изминал подалеку по патот за бригадниот логор.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Секако би бил исмеан од народот што, наместо да ја отплатам крвта од татка ми, земам внука негова од сестра за жена“...
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
По ѓаволите! Денес самата фаталност решила да му се исмее жестоко и подмолно.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Повеќе