кашкавал (м.)
Ги присобра уште ситните деланки кашкавал, што беа останати во крпата, во која еднаш имаше цела полутина од питата, а после го донесе тука и шеќерот, што беше преостанат во една метална кутија и реши дека сета таа храна може да му стаса сила-сила за уште два полугладни дена.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Во ходникот седнала една дебела жена и си јаде бел леб и кашкавал. Ја преполнила устата, ќе ѝ пукнат образите.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Појадувавме едно парче леб со кашкавал или салама и чаша чај или млеко. Во осум часот ни почнуваше наставата.
„Ласа“
од Наташа Димитриевска Кривошеев
(2011)
Збирот на минутите понекогаш изгледа поголем од неговите составни делови, па четириесет и пет минути не се состојат од една минута, па уште една, и така четириесет и пет пати - кога се групирани, минутите како да формираат некаков пакет, кој е полесно да се проголта како сендвич со шунка, кашкавал, зелена салата и кечап, а не само како сува кифла.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)
Режеа од една полутина кашкавал, а често макнуваа од големата конзерва сол.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Во пакетот имаш доволно соленки и слатки за неколку дена, така што можеш да јадеш и по роденденот, посебно јајцата и кашкавалот.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Келнерот веќе им носеше, покрај листата на јадење, и долг подавалник со различни сирења, од млади кравји до биени овчки, преку мешани кашкавали и траписти - по избор.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Во стари години Влавот со сирење и кашкавал ја хранел Европа. Нашите карвани одеа до Белград, до Будапешт, до Букурешт и до Виена.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
За јадење да не берите гајле. Таму ќе јајте погача, сирење, кашкавал и секој ден за обед варено, печено или пржено месо...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Добивме леб и некакви конзерви со кашкавал.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
„Ситно сечи го кромидот”, „Убаво измеси го месото”, „Не штеди на кашкавал... нека биде шарска баш!”, го слушав нејзиниот глас додека од долниот балкон му делеше инструкции, а таа, веќе здружена со сите фамилии, распиштолена пиеше кафе со Фиданчо и неговата половина.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Влавот, бре, значи ние кои сме дошле тука, поправо нѐ донесоа од Епир, знае да чува овци и кози, сирење, кашкавал, урда да прави.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Нешто како растурен сендвич: танки резанки мешан кашкавал, уште потанки салама од соја, листови зелена салата и по некоја останата маслинка. Вкусно за око, уште повкусно на јазик.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Куќата се исполни со народ. Јас, Саше и Љупчо (пријател на тетка ми Ана), постојано одевме до самопослугата и влечкавме полни торби со пиво, кока-коли, сокови, салами и кашкавали.
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)
- Долж џадето - повторувам - И немој да ме прекинуваш, да, долж џадето Желево - Брезница - Смрдеш, реков, па сѐ до Лабаница да ја распоредиш храната и да има и варено месо, сирење, кашкавал....
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Пред заминување, кога двајцата веќе беа простум, Деница покажа на книгата што стоеше најгоре, во платнената торба, во која имаше неколку тетра сокови, парче кашкавал, маслинки и овошје, подвлекувајќи го насловот со бавно лизгање на показалецот по изветвената корица.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
Земаат сирење, кашкавал, лимони, портокали...
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Се истуширав и мајка ми ми приготви лепчиња печени на тостер со путер и кашкавал во средината, што јас и Бреза ги нарекувавме „Како Тони тост“.
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)