крајно (прил.)

И така, бидејќи ми беше крајно здодеано да го започнувам секој ден на истиот начин, доручкувајќи во исто време, во истото опкружување (кое не можев да го променам, па решив барем она што можам, да го променам, да видам што понатаму ќе се случува и дали ќе предизвикам некоја временска дупка во хронолошкиот распоред на настаните), започнав со експериментот.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Не морам да подвлекувам дека целата операција мора да биде спроведена со брзина и крајно строго доверливо.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Александар заклучи дека мора да јаде за сите негови претци кои биле гладни и дека би било крајно непристојно да не се придржува кон овој своевиден култ на предците.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
Имав крајно успешни настапи во познатите солунски локали и околните живописни приморски места.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Бесрамно и повремено правејќи балони со мастиката која крајно некултурно ја џвакаше.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Вербата на гемиџиите дека со индивидуални оружени акции ќе ја принудат Европа да интервенира во прилог на ослободителното дело била крајно нереална.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Божем откриваше тајни што не треба никој да ги знае, говореше тивко со крајно поверлив призвук во гласот.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Современото мислење и осетливоста при регистрирањето на пулсот на нашето време останаа и понатаму негови истакнати одлики, но неговото двоумење помеѓу крајните луцидни увиди и понекогаш крајно детските, искрени и погрешни процени или пусти желби, сега се смирени со пообразложен и посеопфатен начин на мислење.
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Апологет на една крајно вулгарна но и најомасовена перцепција на реалноста така типична за необразованите и медиокритетски маси, пред сѐ за селаните, работниците и ситната буржоазија според која материјата и нејзините модалитети како и интеракции се единствената евидентност на постоењето и единствен фактор на личната и колективната засегнатост.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
За Правдољубивиот, опседнат со братоубиствената војна, сиромаштијата на државната благајна и постојаната закана на гордите азиски освојувачи, патрицијот припаѓаше на групата сестрани интелектуалци, но крајно немоќни пред непредвидливото тркало на историјата, кое во деновите на агонијата на Царството, сотираше со вртоглава брзина.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Присуството на мајка ми го тераше да размислува за козите не само филозофски туку и крајно конкретно, реално, каков што беше и самиот живот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Со деконструирање на такви научни настани како судењето на Галилеј пред Ватикан и развојот на квантната механика, тој инсинуираше дека не постои никаква логика во науката; научниците ги откриваа и се придржуваа до теориите поради крајно субјективни дури и ирационални разлози.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Давењето ја потсетуваше на други видови врзувања, што ѝ создаваше дуални накај пријатни чувства, а поентата беше дека смртта треба да биде недвосмислена, крајно непријатна и болна.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Крајно некултурно и нецивилизирано е да се однесуваат на овој начин, па, иако не е во мојот нарав, собрав храброст вербално да го решам случајот.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Крајно изреволтирана, спремна на кавга дури и за најмала ситница, влегувам во автобусот и замислете куриозитет - шоферот ја пуштил The Unforgiven од Metallica и тоа ја рокнал до даска.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Наеднаш тоа беше толку крајно безразлично. И толку просто, иако го изненади.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но морам да ве предупредам, бидете крајно внимателен.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Со елегантен и крајно женствен чекор Вероника се движи во нејзините поетски чевли, колку и да се тие тесни, и за неа, и за сите нас кои се обидуваме во нив да сместиме збор.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)
Мадам Рада Мојот практичен ум цел ден ме тера да мислам дека можеби е време, и тоа крајно, да вметнам нова шифра на дејност во мојата фирма загубар, која нема да бара многу средства за вложување, а маркетингот ќе го прави самата задоволна клиентела, по принцип „од уста на уста“.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Пред полноќ, стигна побратимот Гури Порадеци, крајно загрижен што сѐ уште не бевме тргнати.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Повеќе