крвави (несв.)
Тој паднал настрана и почнал да крвави на чаршафите додека девојката го плескала по лицето за да се разбуди.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)
Неговото срце крвари пред болката на поробениот македонски народ низ историјата и пред носталгичниот бол на печалбарот и иселеникот.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Крвареше. Се надраснуваше на дождот, на влагата присутна во него само со непрекинатата нишка на шумот.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Срцето ми крвари оти ми забрани повторно да те видам.
„Белиот јоргован“
од Хајди Елзесер
(2012)
Песната ѝ извира од срцето што ѝ крвави.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Му крварат рацете од тешките пранги.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Другите две можеле и да останат свиткани под твојата дебела кожинка и тука задржани, без да бидат во состојба ни да те раскрвават, едното од нив можело и да се слизне по твојата четина и воопшто да не те повреди, но ова, што те тера да крвавиш вака, не ќе е на некое многу згодно место, тоа може уште оддалеку да се види, му зборуваше на својот самјак.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Паѓањето на Клефтис не само што го подигна моралот на Првиот корпус, чии единици цели четириесет и пет деноноќија крвавеа на неговите приоди, туку ја охрабрија целата грчка владина војска.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Преврската крвави. Од крајот на устата тече поројче крв.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Во розите крвари пролетта.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Да, тоа крвавеше снагата на смртно ранетиот непријател!
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Нови јата риби надоаѓаа и пласкаа во плитката вода крај брегот, прпелкаа како фатени во мрежа: се пикааа во трските, во шеварот, во водните растенија и испуштаа чудни шумови и клобурци над водата; шумеше водата како подземни извори да се креваат; пиштеа галебите и сите езерски птици кружејќи и налетувајќи на рибите; трчаа луѓето, довлечкуваа кошници, сепетки, кошови, вреќи, и ги полнеа со риби; довлечкуваа и магариња, коњи, ги товареа со риби, се грабаа меѓу себе, се караа, се пикаа во езерото, заграбуваа поголеми и попресни риби; ги соблекуваа кошулите, панталоните и со нив фаќаа за да не им се лизгаат рибите од раце; се крвавеа во прстите од нивните перки, од нивните крлушки, удираа по нив со ости, со вили, со виљушки врзани на стап за да ги скротат и да не им бегаат од раце; се мешаше водата со крвта од рибите и од рацете на луѓето.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Мртовецот таа го соблече... Крвави порој, лута и не една рана ...
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Голтајќи го студот со отворена уста, тој се сети на нејзините допири, илјадници нежни трансфузии на вистинска човечка блискост што му ги даваше додека тој крвавеше, несвесен за тоа што му се случува.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Се влечеше по талпите надолу до земјата на сите четири; прстите му беа полни спици и му крвавеа, но тој не можеше ни да помисли да се исправи.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Шмајзерот го оставив во спалната и до него ливче на кое напишав дека јас тој и тој, другар командире, си одам кај браќата кои крвават и на сабајле, во мугрите фатив пат за Албанија.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
И да знаеш, Пандо, не ме болеше толку добиениот удар со инвалидска патерица и што ти не, колку што ме болеше свеста дека тие удари доаѓаа од соборци, од луѓе со кои крвавев не само во еден ров, со кои сум јадел од една порција со една лажица, ја делев капката вода, догорчето, животот...
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
тој распалил едно ситно: лиду, лиду, лиду, лиду, и ние играме, ама лабаво, ко кал за црепни да газиме, не ти носи душата да играш делнички и со пијани војници од таму си некаде, од мајчина им, не си за никаде, мочано време, и се нишаме небаре треската да не фатила, се правиме тресиопашки, скокаме наситно, а старшијата само ја ситни свирката и тогаш пукна пушка и старшијата ја олабави гајдата таа писна и занеме и во гробиштата влегоа други војници, кај ќе бараме и за овие кокошки, си велиме, и излезе еден поголем од старшијата, со едно кило петлици нареден, и вели: отечеството крвари, а вие играте, и колкумина имате српски војници, прашува, ами колку што забраа Србите, велиме, колку што им требале и броиме на прсти: Насте, Петко, Митре, избројавме дванаесет.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Го анализирам стаклото Што ме изделува од водата И знам дека и тоа ќе биде Задушен плач Од кој ми крвават табаните И црвени мониста се нижат Околу коренот на стеблото.
„Век за самување“
од Веле Смилевски
(2012)
Таа тивко, а на мајка ѝ срцето ѝ крвавеше.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)