кротко (прил.)
Виде едно шарено маченце и си помисли: „Мачето да се претвори во кротко коњче и да ме однесе дома!“ Но мачето си остана - маче.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Се спотнав дури го стасав дури го навасав уморено предаденото кротко во раката предавничка како изморено јагне како птица премалена та почнаа да паѓаат гранки и да се ронат лисја и сокот да се меша со солзите и потта слегувајќи удолу кон земјата кон дното на мојата болка врз која се најдовме во прегратка среде тревите изгазени од купиштата дрва обајцата искастрени без вршки и без гранки со пресечени снаги сложени во камари додека седалата летаа без своите птици без своите сенки без нашите плешки во бездната на воздухот откорната од незасита.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Види шо детенце е, натемаго! Кротко како јагне, лакомо како прасе, јаде и се оближуа како маче А види пак шо убаво се учи.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Ние децата на самракот што меко легнува во ходникот Ние што ѝ тежиме на тежата на земјата Ние што љубиме од љубопитство Ние што не признаваме владетел во зборот формираме Независна Илегална Единица Пророк Ние децата на паднати борци со шестари в раце Ние со центарот в срце Ние избодени од игли Ние што кротко се собираме во црно-белата слика Ние од портретот групен формираме Независна Илегална Единица Пророк Ние децата на ветрот со очи во темната шума Ние громобрани на очајот развлечени во поворка Ние што подаваме рака над космичката постела Ние - тајната на светот формираме Независна Илегална Единица Пророк
„Забранета книга“
од Веле Смилевски
(2011)
Тап удар на земјата врз кивурот. Тој симна капа, кротко поттурна старец кој стои пред него, се наведна, насобра шепа земја и ја фрли во гробот.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Многупати татко му го поучуваше со кротко, до колку знаеше сиромав Божин, и многу примери му носел ѓоа да се тргне Силјан од тој пусти ајљазлак.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Но не го уби заради тоа што беше лошо, бесно, напротив кон него беше кротко, мирно и послушно, ами го отепа во еден момент на афект, кога тоа ја откопа главата од неговата жена која тој ја убил скришум и ја закопал во градината пред куќата.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Да се вратиш
ти луто да лаеш
јас кротко да зборам
да не ни пречи разликата!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Еве ги тие зборови на кои ден-денешен им се сеќавам: Спиј спокојно, чедо мое Во пазуви ми кротко сони, чедо мое Во душава мир си најди, чедо мое Во срцево куќа гради, чедо мое Во куќата дворои имај, чедо мое Во дворови цвеќе сади, чедо мое Спиј и нани, нани, нани, чедо мое.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
А кој ли жив ќе истрае така да скрие дните во гробен сон, сред тешко ропство и глад и мака да лежи кротко на ладен трон.
„Песни“
од Коле Неделковски
(1941)
Во темницата кротко го викаше коњот - ту арамија, ту чедо - измислувајќи разни имиња во својата нежност.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Кротко ја зеде не тргајќи го погледот од братучедите, како змија пред погодок.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Во миг исчезна од фреската и се стори покрај мене, отелотворен во својата човечка лика, со сета висина и ширина, со мијачки бечви и со мијачка наметка; ме гледаше кротко, милосливо.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Чичкото размислува. - Тогаш ќе го боцнеме твоето убаво и кротко Мече, ако?
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
И потем сосема кротко пристапи кон разбојот, јас ја фатив за половината, ја поткренав и таа веќе следниот момент се фати за вратилото.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Новото дете беше интересно, добро, кротко и весело.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Со таа измореност, што му се гнездеше во секој зглоб, и со грчевите глад во стомакот, и со онаа врзаност во своите жили, и со денот, што згаснуваше кротко и трпеливо, сето тоа не значеше навистина ништо.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Но веќе беше доцна, наводната врска го доведе како кротко јагне и просто го внесе, покрај стражарот на вратата со напрчен бајонет, право во бановинската зграда на Главната управа за внатрешни работи и народно здравје, а особено во политичката полиција заинтересирана и задолжена за комунистите и нивните симпатии.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Многу пати татко му го поучуаше со кротко, доколку знаеше сиромав Божин, и многу примери му носел ѓоа да се тргни Силјан од тој пусти ајљазлак.
„Македонски народни приказни“
од Иван Котев
(2007)
Кога го дочитал пишаното, дојденецот, учениот и умен гостин, во миг пребледел, кротко се подигнал, ги кренал зачудените очи кон нашиот другар и изустил: „Ваше царско величество, Ваше превосходство, Ваше преблагородие, праправнук на големиот махараџа Раџнапур“.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)