лукав (прид.)
Му закажав војна на инаетот од инает сакав да го згазам и закажав војна на омразата зошто и неа ужасно ја мразам Му закажав војна на гневот го прогонував и кон него се гневев му закажав војна и на гревот за малку и него ќе го средев Му закажав војна на стравот и сакав од страв да го стресам му закажав војна на егото и него да го обесчестам Му закажав војна на лукавиот и лукаво сакав да го сотрам ѕверот се разбуди во мене да го уништам и него ќе морам Си закажав војна со себе безпоштедна со премногу мртви си закажав војна без крај војна со страдања и жртви
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
Стана плен на лакомост и гордост на твојата икона, лажниот светец суетата вешто го зароби духот исто како непрогледан слепец Стадото на лукавиот сѐ повеќе расте и неговиот пат е простран и широк а животот страстен кога ќе спласне ќе тонеш во мракот духовно сирот
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
Лукава раздвиженост избликнува од нејзините зеници.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Лукава му е идејата да бара од обвинетиот повеќепати да опише кои биле причините трипати да влегува во мојот двор.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Во постојани расправии со препредени и со лукави трговци Евреи, Ерменци, Македонци и други во Солун, и Битола, тој научи да се снаоѓа и да биде упорен во остварувањето на своите замисли.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
А малите лукави очи потонати во сало, ајдучки демнеа.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Дење ораат, копаат, а кога стане нужда сите се на нога со оружје в раце. И не само тоа. Мошне се лукави.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Овој збор е туѓ, тој е име на некаков лукав и силен соперник што ѝ го одзема милиот човек.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Жената, со топли дланки врз распупените дојки, шепоти благослов за неговото неизвесно патешествие во царството на чкрапјите, влакнестите пајаци, лукавите аждери.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Та нели е тоа показ дека нашиот прв човек е човекот без сенка, одбраниот од Лукавиот, зашто и самиот е лукав, темен и подземен?
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Те фрлив во светов сред лукави птици бистра вода, сенки, умилни песни на сирени бранови и бури, карпи, зрели и сочни жени.
„МАРГИНА бр. 1“
(1994)
И зошто навистина не ја силував Луција онаа ноќ? (Таа, всушност, лукава како и секоја жена, ме измами, ме надмудри, оти навреме се предаде: јас само сакав да ја силувам, да покажам извесна надмоќ над неа, како одговор на нејзината партиска декларираност; но таа тоа го сети и во клучниот момент се предаде, да ми го оневозможи тоа задоволство, затоа што Партијата, општеството, нацијата и семејството ја научиле дека е недостојно некој да те силува; така таа, со тоа што се предаде, најде алиби за силувањето, и сакаше скандалот што долго го планирав, да го претвори во регуларен сексуален однос; тука пак, јас киксирав, оти се исплашив од она нејзино ненадејно движење).
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Тој, пак, султанот, Мурад I Ходавендекер, во склад со својот лукав и сомничав ум, искажа милост: сомневајќи се дека некој друг ќе може толку успешно да управува со Имотот колку довчерашните стопани, и сомневајќи се дека ќе може некого друг, некој Турчин на пример, да го ограбува колку нив, на Акиноските им го остави Имотот, а заедно со него и титулата и господството над целата Потковица.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Те чува од повреди, те брани ноќе од крадци од лукавиот! – рече старецот.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Штом ќе изгрееше сонцето, орлите, во јата, ќе јурнеа од сртот на Потковицата спрема Беговски Ливаѓе, а лукавите штркови ќе ги намамеа во блатата, и тука, на земја, ги убиваа.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
И Патрокле (нека му ги бере гревовите ортакот) ги брои тука деновите, ги дели ноќите со виновниците и со од мајка неродените. Сѐ заради ортакот - „човек лукав и вреден“.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Меѓу граѓаните и во околината се шири глас: работлив, дрзок, лукав и деловен човек на пазарот.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
На сон му се јавил лично Темниот, Лукавиот и му рекол: „Вардете ја градбата без престан.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Ако веќе ја зборуваме вистината, каков лукав и препреден беше тој, какво вретено беше другарот Анески, тогаш ќе треба да му симнеме капа, да му се поклониме.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Името ѝ беше Никол и потекнуваше од село, но беше многу бистра и на некој начин лукава (итра) жена и успеваше сите работи да ги заврши на време.
„Животот од една слива“
од Зорица Ѓеорѓиевска
(2014)