мазник (м.)
Дури вчера старите се занимаваа со црква и причест, младите со готвење погачи, мазници, благи ракии и мезиња, денес уште од утринта секоја млада, секоја стара, ќе се токми, ќе се ружа, според возраста, за на сретсело.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Пржено ли пиле, јајца, младо л' тл'сто јагне, млеко ил' кисело, л' пресно, баница ил' мазник, или пресен леб домашен, в подница испечен, пресно ил' сирене, ил' масло кравско или овчско, сѐ, што сакат ага-Турчин, сичко да му дават.
„Крвава кошула“
од Рајко Жинзифов
(1870)
Перса долго ги држи зборовите на малечката, толку долго што денот изврвува и стигнува Пелагија од работа и додека се пресоблекува и насекаде расфрла миризба од тутун, ѝ кажува дека малечката Пелагија е многу итра, дека зборовите се лепат за неа и ѝ будат секакви мисли, Вели со сукалото се сука пита, мазник, рашадија, а не живот! ѝ кажува Перса вртејќи се околу Пелагија додека оваа како пред сопствена мајка, ја фрла работната облека, ја открива својата стројна снага настегана во црниот комбинезон нудејќи се пред неа како нејзина ќерка без да насетува дека Перса токму како таква и ја гледа, и ломоти додека навлекува лесно фустанче на бела основа со сини цветчиња Ох, мајко Персо, сега таа е отворена за сѐ, нема нешто што не се лепи за неа, а смислата на сето тоа подоцна ќе го открива.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Од слеп сиромав, манастирски ѓак, се најаде првин леб, со лебот побара сиренце, мавца, сланинка. Му текна дури и за мазниче — зелниче, та дотера дури до алва. Оти пак да не тера човекот?!
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
- Немој, бре Вендија, не расипувај ја свадбата, ќе му се доближи трет да го смирува, да се разбере, а Дуко Вендија и него го светнува преку муцка и црвени мазници му потекуваат од носот, од устата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Со џандари, со `ртки, со загари и со некои нашинци, лижнигазовци, оттаму, од Прилеп и од Битола, ќе клапнеа уште одвечер во населбата и ќе им заповедаа на редовниците да им приготват убави вечери - питулици, мазници, зелници, печени кокошки, пресни погачи, чомлеци и јании; откако ќе се накркаат, ќе се налокаат вино и ќе се акнеа да спијат во гостинските одаи, за таа цел, за нивното доаѓање, предвреме напрашени за од страна на болви, вошки и други инсекти.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Достините јадења и пиења: мазник, ракија со мед, булиња, погачки на тенкото сито, на црковната трпеза предизвикаа чудење и завист кај витолишките невести и мажи.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
И за саралија со шеќер или со мед, за мазник - кори печени на сач и клавани една врз друга, та попрскани со млако топена маст, кори за оризник – и тие печени и попрскувани со маст и ориз или кори за лешчалник и фасулник, пак печени на сач та поливани со леќа или грав омекнати во млака овча маст...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Во торбите, покрај двете, погачи една две кокошки, еден мазник, потерата најде и две оки тутун, ока шеќер, ока ракија, та дури и ока локум.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Оди во Крушевица твоа; малку е подалечку од аскерот, белки не ќе се забележи толку колку овде пред носот негов! — ја повторија и потретија селаните молбата, но Толе си остана на своето и нареди преку ноќта да му се зготват пет шест кокошки и толку мазници за неговите луѓе и остана да преноќува в село.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Ја отвораше како да оддиплуваше кора за мазник и почнуваше со тој свој зарипнат глас, а јас трепетливо и некако исплашено, гледајќи во неговите насолзавени очи и во бузите и од тутунот подгорените мустаќи, повторував: - Аз, буки, веди, глаголи...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
- Зрно по зрно - лебец! Ама и погача! И мазник сведенски!
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
И додека Толевци кркаа од бравите, кокошките и мазниците во сред Градешница, муљазимот со аскерот топеше пексимид на Налевата бичкија во Уруп и ги распрашуваше трупарите каде се крие арамијата Толе Паша.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Чинговци беа месари, мезетеа месо и со ракија, чисто месо само печено никако варено; немаа ништо против и сирењето, особено јакото, како ни против суканото ако е мазник; додека спанаќ и други треви не сакаа ни да видат; а со очи ја јадеа рибата, од пржената пастрмка до белвицата на сач.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Маловата невеста Тода, други мислеа дека Крсте се оближува околу зелничето, мазничето, питулиците што ги носеа постојано Неда и Стојан и ги делеа со Крстета, трети мислеа трето, четврти — четврто, но никој, па ни самите тие не можеа да објаснат како се спријателија.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Таа не плаќаше ништо што земаше. A земаше секој ден по една две овци, леб, мазници, кокошки.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Кметот и азите беа се распоредиле и за ручек, беа нарачале да се донесат дветри овци, брави; да се осучат мазници и неколку кокошки за муљазимот, чаушот и онбашиите.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)